Во последниот извештај на Државниот завод за ревизија, Фондот за иновации и технолошки развој доби многу лоши оценки за својата тековна работа
Бојан Стојковски
Една од најпознатите институции во Јадранскиот регион која се издвојува како пример за поттикнување на развојот на локалниот стартап екосистем, македонскиот Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) се најде на мета на критики и од страна на ревизорите и од корисниците дека не само што не си ја извршува својата дејност правилно, туку и активно му наштетува на претприемачкиот сектор во Северна Македонија, пренесува хрватскиот „Јутарњи Лист“.
ФИТР досега има финансирано 686 проекти за истражување и развој со повеќе од 86 милиони евра, од кои 326 се стартапи. Но, во последниот извештај на Државниот завод за ревизија, ФИТР доби многу лоши оценки за својата тековна работа.
Еден од главните проблеми е во тоа што фондот неодамна ја забавил исплатата на средствата за стартапите, па многу од овие проекти во моментов се наоѓаат во незавидна финансиска состојба.
Бидејќи голем дел од грантовите се добиени како кофинсирање заедно со кредити од банки, неисплаќање на средствата од ФИТР, иако одобрени и потпишени, директно ги задолжува и им наштетува на стартапите и на целиот екосистем, кои сега пак немаат средства ниту да се развиваат, ниту да ги враќаат земените кредити.
Важно е да се нагласи дека овој проблем предизвикува домино ефект – односно западните инвестицииски фондови го гледаат претприемачкиот сектор во државата како корумпиран и високо ризичен, со што се повлекуваат од странски инвестиции во стартапите, или пак бараат истите стартапи да работат надвор од неа, дополнително земајќи го најдобриот талент што државата може да го понуди.
Дополнително, Државниот завод за ревизија исто така утврди дека ФИТР потрошил 750 илјади евра за надворешни соработници исплатени преку договор на дело, без детален извештај за изработените активности на тие соработници. Според ревизорите ваквите договори ја намалуваат транспарентноста на самиот фонд како и ја зголемуваат можноста тој да биде злоупотребен.
Ревизорите наведуваат дека ФИТР има проблем со административниот капацитет за извршување на секојдневните работи, а како резултат на ова од 2019 до 2021 година оваа институција почна да ангажира се повеќе надворешни експерти. Паралелно пак се зголемуваат и расходите за овие цели.
Според ревизорите, она што ФИТР треба да го направи е да го ажурира сопствениот статут за да го усогласи со важечките закони и да избегне колизија со Законот за иновативни дејности.
Понатаму, тој исто така треба да ги разгледа и договорите вредни 9,67 милиони евра, за кои ревизорите се прашуваат колку се усогласени со актуелните закони, стратегија за иновации и економски план на Владата на Северна Македонија, додаваат од „Јутарњи Лист“.
Иако ФИТР исто така е една од институциите која работела и на Националната стратегија за вештачка интелигенција во Северна Македонија, ревизорите предупредуваат дека институцијата престанала да развива стратешки рамки неопходни за понатамошен развој на истражување и развој, економија и стартапи од 2020 година.
Критики се упатуваат и поради тоа што корисниците на средства не доставуваат навремени квартални извештаи и завршни извештаи за претходно спроведените активности.
Како пример се наведува дека во периодот од 2019 до 2022 година се склучени договори за 364 проекти. Сепак, според достапните податоци, до средината на минатата година се реализирани само 93.
Државниот завод за ревизија бара од фондот да формира централна база на податоци со податоци за доделените финансиски грантови, бидејќи во моментов не е можно да се следи нивната потрошувачка, а исто така од фондот се бараат и годишните работни програми за периодот 2019-2021 година, како и дополнувања со податоци за искористеноста на средствата – кои средства одат за обврски од претходните години, а кои за нови проекти.
Според засегнатите претприемачи пак, сериозноста во извештајот на ревизорите во однос на работењето на ФИТР е многу поголема од колку што знае јавноста и заслужува дополнително истражување и информирање на јавноста околу неправилностите, корупцијата, и штетата која е предизвикана од страна на оваа институција врз важен дел од економијата во земјата.