Анализа за тоа како расте ракот откри „речиси бесконечна“ способност на туморите да растат и преживеат, велат научниците, а пренесува Би-би-си. Резултатите од деветгодишното следење на ракот на белите дробови го „изненадија“ и „зачудија“ научниот тим, кој доби увид во огромната сила против која се бори.
Тие заклучија дека треба да се стави поголем фокус на превенцијата, затоа што еден лек за сите наскоро е малку веројатен. Истражувачкиот центар за рак од Обединетото Кралство вели дека раното откривање на ракот е од витално значење.
Најдетална анализа досега за развојот на ракот и причините за неговото ширење
Студијата наречена TracerX дава најдлабока анализа за тоа како се развива ракот и што предизвикува негово ширење. Раковите се менуваат и се развиваат со текот на времето – тие не се фиксирани и непроменливи. Тие можат да станат поагресивни: успеваат подобро да го избегнуваат имунолошкиот систем и подобро да се шират низ телото.
Туморот започнува како единствена, оштетена клетка, но станува мешавина од милиони клетки кои мутирале на малку различни начини. TracerX ја следеше таа разновидност и како таа се менува со текот на времето кај пациентите со рак на белите дробови.
Студија без преседан
„Никогаш досега не е направена студија во ваков обем“, вели професорот Чарлс Свантон од Институтот Френсис Крик и Универзитетскиот колеџ во Лондон. На повеќе од 400 луѓе – лекувани во 13 болници во Обединетото Кралство – им била направени биопсија на различни делови од ракот на белите дробови додека болеста напредувала.
„Бев изненаден од тоа колку туморите можат да бидат прилагодливи“, рече професорот Свантон за Би-Би-Си, додавајќи: „Не сакам да звучам премногу депресивно во врска со ова, но мислам – со оглед на речиси бесконечните можности во кои туморот може да еволуира, и многу големиот број на клетки во доцниот стадиум на туморот, кој може да биде неколку стотици милијарди клетки – дека постигнувањето лек кај сите пациенти со доцна фаза на болеста е тешка задача“.
„Нема да можеме да создаваме универзални лекови“
„Мислам дека нема да можеме да создадеме универзални лекови“, рече Свантон, додавајќи: „Ако сакаме да имаме најголемо влијание, треба да се фокусираме на превенција, рано откривање и рано откривање на релапс“.
Дебелината, пушењето, алкохолот и лошата исхрана го зголемуваат ризикот од некои видови рак. Потиснувањето на воспалението во телото исто така се смета за начин за спречување на рак. Воспалението е веројатно објаснување зошто загадувањето на воздухот предизвикува рак на белите дробови и воспалителна болест на цревата што го зголемува ризикот од рак на дебелото црево.
Еволутивната анализа беше објавена во седум одделни студии во списанијата Nature и Nature Medicine.