Европската вселенска агенција (ESA) денеска успешно ја лансираше својата амбициозна мисија за проучување на Јупитер и неговите месечини.
Првиот обид за лансирање во четвртокот беше неуспешен поради лошите временски услови, но денеска сè се одвиваше според планот, па сателитот во мисијата вредна 1,6 милијарди евра го започна своето долго патување.
Сателитот Jupiter Icy Moons Explorer, или скратено Juice, ќе патува осум години до својата дестинација. Научниците веруваат дека скриените океани на месечините на Јупитер би можеле да обезбедат услови за одржување на едноставни форми на живот.
Лансирањето се случи од Француска Гвајана, а ракетата Ariane 5 полета од лансирната рампа пред многумина кои гледаа од плажа и уживаа во глетката.
Ракетните засилувачи, кои се наоѓаа на страните на ракетата Ariane 5, обезбедија повеќе од 1.000 тони потисна сила потребни за полетување. Овие бустери се исто така најголемите засилувачи на цврсто гориво некогаш произведени во Европа.
Сателитот Juice беше сместен во конус на врвот на ракетата што се подели на два дела и исто така се одвои. Потоа било потврдено дека Juice е на пат.
Леталото ќе ја користи техниката „гравитациони прачки“ околу Земјата и Венера за да добие доволно енергија за патување до Јупитер, поточно неговите месечини Ганимед, Калисто и Европа.