Warner Bros. Discovery вчера објави дека ќе ги спои своите стриминг услуги HBO Max и Discovery Plus во еден канал наречен Max. Новата стриминг платформа ќе ги комбинира сите постоечки програми што во моментов се достапни на HBO Max и Discovery Plus, вклучувајќи ги и во моментов најпопуларните содржини таму, како сериите The Last of Us, House of the Dragon и Succession.
Новата стриминг платформа Max ќе биде пуштена во употреба на 23 мај во САД, додека во повеќето држави во Европа и Азија, меѓу кои и за гледачите во Македонија, ќе биде воведена во текот на наредната година. Стриминг сервисот HBO Max автоматски ќе се ребрендира во новата услуга, додека сервисот Discovery Plus и неговите програми и понатаму ќе бидат достапни како самостојна услуга со пониска цена.
Како што информираат од HBO Max, постоечките претплатници на оваа стриминг платформа ќе имаат пристап до новата Max услуга по истата цена како и сегашната претплата, најмалку шест месеци по лансирањето.
Стриминг услугата HBO Max во Македонија пристигна на почетокот од минатата година, наследувајќи ја дотогашната услуга наречена HBO Go.
Во моментов претплатата за македонските гледачи на оваа стриминг платформа изнесува 7 евра месечно, односно 55 евра за годишна претплата, додека цените во европските држави и во САД се повисоки.
Продукцијата Warner Bros се надева дека со новата стриминг услуга ќе претставува посилна конкуренција за Netflix кој доминира на стриминг-пазарот и кој на крајот од 2022 година броеше околу 230 милиони претплатници во светот.