Американската вселенска компанија SpaceX денеска не успеа да го лансира Starship, најголемата и најмоќната ракета во историјата.
SpaceX на американскиот милијардер Eлон Маск го откажа долгоочекуваното лансирање на својата моќна нова ракета Starship кое требаше да се случи денеска, одложувајќи го првиот тест лет на возилото без екипаж во вселената.
Ракетниот брод, повисок од Статуата на слободата во Њујорк, првично беше планирано да се крене од објектот на SpaceX во Бока Чика, Тексас.
Сепак, вселенската компанија со седиште во Калифорнија во пренос во живо во последните минути од одбројувањето објави дека го напушта обидот за лет и го пролонгира за најмалку 48 часа, наведувајќи го проблемот со притисокот во ракетниот систем.
Лансирањето на ракетата во вселената за прв пат ќе претставува клучна пресвртница во амбицијата на SpaceX да ги испрати луѓето назад на Месечината и евентуално на Марс – барем на почетокот како дел од новата програма за човечки вселенски летови на NASA, Artemis.
Успешен деби лет, исто така, веднаш ќе го рангира Starship системот како најмоќното средство за транспорт на Земјата.
Американската федерална управа за авијација минатиот петок даде дозвола за првиот пробен лет на целосно склопениот ракетен систем, отстранувајќи ја последната регулаторна пречка за долгоочекуваното лансирање.