Xiaomi ја комплетираше својата флегшип 13 серија смартфони со премиерата на својот водечки уред – Xiaomi 13 Ultra. Смартфонот става голем фокус на фотографијата, но вклучува и други интересни додатоци. Паметниот телефон беше претставен во Кина, каде продажбата ќе започне на 21 април, а меѓународната премиера ќе се случи во следните неколку месеци.
Уредот има карактеристичен дизајн кој наликува на камера. Според компанијата, тој е инспириран од Leica M серијата камери и се одликува со кружен модул за камерите, алуминиумска рамка и облога од вештачка кожа. Смартфонот тежи 227 грама и вклучува цврста метална рамка за зголемена отпорност на свиткување и постабилно држење. Се користи вештачка кожа од втора генерација со антибактериски својства и отпорност на отпечатоци и пожолтување. Исто така, поседува рејтинг IP68 за водоотпорност.
Предната страна ја краси 6,73-инчен WQHD+ LTPO AMOLED дисплеј со висока прецизност на боите и врвна осветленост до 2600 нита (типично 1300 нита), кој е покриен со Gorilla Glass Victus. Екранот е калибриран на CIE 2015, кој поддржува автоматско управување со бои за да се обезбеди прецизно и доследно прикажување на боите на различни дисплеи. Освежувањето се случува во опсег од 1-120 Hz и поддржува приказ на 68 милијарди бои. Панелот работи со HDR стандарди како што се Dolby Vision HDR10+, HDR10 и HLG.
Системот на камери вклучува четири сензори од 50 MP кои покриваат фокусни должини од 12 mm (ултра-широк), 23 mm (широк), 75 mm (телефото) и 120 mm (супер телефото), како и дополнителни 46 mm и 240 mm преку сензор за зумирање. Главниот сензор е Sony IMX989 од 50 MP со 1-инчен формат, оптичка стабилизација и променлива бленда со две нивоа – f/1.9 и f/4.0.
Уредот вклучува и режим на сликање со користење на хиперфокалното растојание, кое е популарно кај уличното фотографирање – автоматски ја активира блендата f/4.0. Вклучена е и опција за брзо фотографирање, со која рамка може да се сними за 0,8 секунди. Останатите три сензори се 50 MP Sony IMX858 со f/1.8, f/3.0 и f/1.8 отвори за двете телефото камери и ултраширокиот сензор. Првите две имаат OIS, а последната има автофокус за макро снимки од растојание од 5 см. На предната страна се наоѓа селфи камера од 32MP (f/2.0) со опција за спојување на 4 пиксели во еден.
Уредот се потпира на Snapdragon 8 Gen 2 чипсет и доаѓа со до 16 GB LPDDR5x RAM и до 1 TB простор за складирање фајлови Додаден е и USB 3.2 Gen 1, кој поддржува DisplayPort и овозможува видео излез со резолуција до 4K 60Hz. Ова е долгоочекувана промена бидејќи до сега телефоните на компанијата поддржуваа само USB 2.0 брзини.
Телефонот ќе биде достапен во црна, маслинесто зелена и бела боја, почнувајќи од овој месец во Кина. Цената на телефонот Xiaomi 13 Ultra се движи од 795 евра до 970 евра). Телефонот ќе пристигне и на глобално ниво, но Xiaomi допрва треба да објави кога точно. На глобално ниво, секако, се очекуваат многу повисоки цени.