Суштински реформии, дигитализација на сите нивоа во државата преку обебзедување брзи услуги за граѓаните и основање агенција за дигитализација, најави денеска Владата која ја промовираше програмата „Дигитална ера“ што ја подготви Министерството за информатичко општество и администрација со активности за реализација на дигитализацијата на процесите во државава.
Премиерот Димитар Ковачевски најави целосно функционален едношалтерски систем преку кој на 335 пунктови на државно ниво ќе се добиваат услуги од администрацијата на една локација.
-Активностите ќе придонесат за подобрување на услугите до граѓаните, поголема ефикасност на институциите, преку што ќе се влијае за намалување на корупцијата и креирање побезбедна дигитална околина, рече Ковачевски на прес-конференција.
На владина седница се усвоени деталните информации за процесот на дигитализација и дигитална трансформација, кои ќе ги олеснат и поедностават услугите од институциите кон граѓаните.
-Во насока на поголема дигиталзиација и заштита од сајбер напади се предвидува и формирање на агенција за дигитализација, со која ќе се овозможи дигитализирање на јавната администрација, која ќе ги подобри ефективноста, транспарентноста и отчетноста во управувањето и ќе придонесе кон стабилен економски раст на земјата. Ваква агенција ќе може да ги консолидира и кадровските ресурси кои работат на ова поле, но и да стане конкурентна во делот на привлекување ИТ инженери кои се дефицитарни и имаат висока цена на пазарот на труд, со што државата ќе може да ги обезбеди потребните кадри за дигитализацијата и сајбер безбедноста, рече Ковачевски.
Тој најави дека годинава ќе има суштински реформи засновани на клучните европски принципи на дигитализација на услугите насочени кон трансформирање на начинот на кој граѓаните комуницираат со јавната администрација.
Министерот за информатичко опшетство и администрација Азир Алиу најави дека со дигитализација на јавните услуги ќе се намали времето што граѓаните го поминуваат за добивање услуга на шалтерите на јавната администрација.
-Ќе бидат достапни во реално време, транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето ќе бидат минато. Како резултат на тоа дигиталната трансформација позитивно ќе влијае на дигнитетот и достоинството на граѓаните и на вработените во администрацијата, порача Азири.
МИОА, веќе има интегрирани услужни пунктови кои ќе го нудат концептот „оне стоп шоп“ во пет градови, а со новата Стратегија за дигитална трансформација, посочи Азири, нашите граѓани ќе имаат можност да ги добиваат овие улсуги во сите места во државата.
-Сигурни сме дека дигиталната трансформација суштински ќе го промени односот меѓу државата и граѓаните создавајќи основа за безбеден доверлив систем кој ќе ги подобри јавните услуги, обезбедувајќи ги преку националната платформа како што е една точка за услуги, рече Азири.