УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија ги повикуваат децата и младите да се вклучат во кампања за борба против онлајн насилството и говорот на омраза
УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија објавуваат нов отворен повик до децата и младите да се вклучат во комуникациски иницијативи за справување со онлајн насилството и говорот на омраза на интернет. Повикот со наслов: „Заедно за интернет без омраза“ е дел од долгогодишното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија чија цел е да ги вклучи децата и младите во справувањето со некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.
„Растењето во време на интернет нуди неограничени можности. Кога се користи на правилен начин, интернетот има потенцијал да ги прошири хоризонтите, отварајќи можности за учење, пристап до информации, играње и изразување. Но, со овие можности доаѓаат сериозни ризици“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. „Сега, повеќе од било кога, на децата и на младите им требаат вештини и способност да покажат почит и да бидат љубезни кон другите онлајн, но и слободно да проговорат против онлајн насилството“.
„Ние ја градиме дигиталната иднина, но одиме чекор понатаму, си поставуваме амбициозна задача да работиме на етиката на таа дигитална иднина. Говорот на омраза на интернет го заслужува нашето внимание и имаме обврска да направиме разлика. Иако ова е предизвик на сите генерации, најмногу ги допира младите. Затоа им даваме глас, знаење, алатки да се борат за интернет без омраза и токму тие да бидат носители на промената“. – рече Никола Љушев, претседател на Фондацијата Телеком за Македонија.
Децата и младите поминуваат онлајн повеќе време од кога било – 88.3% од младите се на социјалните мрежи , а таму најмногу се случува онлајн насилство и говор на омраза. Според неодамнешното истражување на UReport дури 24% од младите барем еднаш се почувствувале небезбедно на интернет во последната година. Овие податоци покажуваат колку е важно отворено и постојано да зборуваме на оваа тема и да се обидеме да ги заштитиме младите луѓе, но и да им покажеме како да се изборат со заканата.
Главна цел на иницијативата е да ги вклучи младите и да им даде знаење како да започнат со промената.
Преку работилници за заедничко креирање со поддршка од професионалци од областа на комуникации, медиумска писменост, заштита на децата, како и стручњаци за нови технологии и креатори на мултимедијални содржини, децата и младите што ќе бидат одбрани преку овој отворен повик ќе се осврнат на проблемите, ќе научат како да се справат со нив и ќе создадат кампања за подигање на свеста на нивните врсници и на целата јавност.
Работилниците ќе се организираат во мај и на нив можат да се пријават сите млади на возраст од 14 до 19 години, со пополнување на следниот формулар: https://t.ly/p08z