Болаџи Фатаи (21) никогаш не стапнал во авион, но тоа не го спречи да изгради сопствен модел на авион со далечински управувач од остатоци и да го прелета на небото над хаотичниот трговски центар во Нигерија, Лагос.
И покрај облачниот и ветровитиот ден, авионот со еден пропелер успеа да ги издржи налетите на ветрот високо над песочното фудбалско игралиште пред да се сруши ниско над главите на набљудувачите во Овороншоки, сиромашна населба на истокот од градот каде што живее Фатаи.
Материјал собран на депонијата
Пропелерот и далечинскиот управувач го купил во продавница, но трупот, крилата, опашката и вентралната перка ги конструирал од парчиња рециклиран стиропор од депонијата и ги закачил со леплива лента. Распонот на крилата на неговиот авион е околу еден метар.
„Го започнав ова хоби кога имав седум години. Собрав некои предмети и работев на помали проекти. И секогаш се чувствувам воодушевено кога гледам како лета авион“, изјави 21-годишникот за Ројтерс.
Една технолошка компанија му понудила стажирање
Хобито на Фатаи наскоро би можело да се претвори во нешто повеќе и да ги оствари неговите детски соништа.
Имено, технолошка компанија му понудила стажирање, што е важен прв чекор кон остварување на неговата желба да стане аеронаутички инженер.
„Со оглед на тоа што нашата земја е една од неразвиените земји, се надевам дека ќе станам дел од тимот кој ќе работи на нејзиниот развој користејќи ја мојата технологија за беспилотни летала“, рече тој со нескриена гордост.