Hyundai Motor Group (HMG) работи на важен проект, а тоа е ровер наменет за употреба на Месечината.
HMG соопшти дека го започнал развојот на лунарниот истражувачки ровер, кој треба да го добие првиот модел до средината на 2024 година, односно конечната верзија подготвена за лансирање до 2027 година.
Компанијата ќе употребува компоненти од своите производители на автомобили Hyundai и Kia, што значи дека роверот ќе користи различни технологии позајмени од возила од овие брендови, како што се електромотори, тркала, батерии, делови за суспензија, камери и слично. Долниот дел на роверот ќе ги содржи различните компоненти на групата, додека горниот дел ќе носи научни товари за копање, ископување и истражување.
Роверот ќе има и способност за термичко управување и заштита од радијација за да „преживее“ во суровата лунарна средина. Групата се надева дека еден ден ќе го спушти својот ровер во близина на јужниот пол на Месечината за да спроведе експерименти. Ќе има соларен погон, како и можност за автономно возење, а ќе тежи околу 70 килограми.
Сепак, пред роверот да стигне до Месечината, HGM ќе спроведе детални тестирања на перформансите засновани на мисијата во средина слична на површината на Месечината. Целта е да се развие разновидна мобилна платформа која ќе може да носи различен товар и да извршува научни задачи.
HMG не е сам во овој потфат, туку соработува со јужнокорејски истражувачки институти и разни организации. Hyundai исто така е сопственик на Boston Dynamics, компанија која се занимава со роботика.