Основањето на новата национална установа „оркестар за џез музика“ на Република Македонија и одлуката на Владата овој оркестар да го смести во зградата на филхармонија, во изминатиот период ја брануваат јавноста, која секојдневно е сведок на јавна дискусија помеѓу двете засегнати страни. Новата музичка институција е формирана по иницијатива на Здружението на џез музичари, здружение кое со својот Биг бенд во изминативе години постигна неспорен успех во земјата, регионот и во Европа и со своите концерти пополни одредена празнина во овој дел на музичката култура.
Сепак, институционализирањето на овој оркестар за џез музика и чинот на неговото „крунисување“ во национална установа наиде на зачуденост и колебање кај одредени музички професионалци, професори и музиколози, кои сметаат дека оваа одлука била донесена набрзина, без соодветна и широка расправа. Според Младен Марковиќ, доцент по етномузикологија на факултетот за музичка уметност во Белград, одлуката за давање статус национална установа на џез оркестарот на ЗЏМ е во најмала рака проблематична.
„Целата работа се сведе на некаква војна околу просторот, а никој не се прашува како е дојдено до тоа џез оркестарот на ЗЏМ да стане национална установа. Со сета (искрена) почит кон овдешните џезери, морам да прашам – каков е тој македонски џез? Националните установи се основаат, пред сѐ, со идеја на промовирање на националното творештво (на пример, Танец ја промовира македонската музичка и играорна традиција, Филхармонијата би требало да промовира творештво на домашните композитори), а ако се изведуваат „џез-стандарди“ веројатно се штитат културните интереси на нашата пријателска Америка? Во Белград, џез-оркестарот никогаш не ни помислил да биде во зградата на Белградската филхармонија, туку од 1956 година седи и не мрда од просториите на Радио Белград (сега во системот на РТС)“, вели етномузикологот Марковиќ.
Статусот национална институција за џез оркестарот е спорен и за музикологот Марко Коловски.
„Како долгогодишен критичар на укинувањето и поттикнувач на ревитализацијата на ансамблите на МРТ со соодветна доза на радост ја примив веста за формирање на џез оркестарот на ЗЏМ, иако ме чуди „лефтерноста“ со која се основаат национални институции од различен тип, без потребната расправа за сите неопходни аспекти“.
Во однос на „вдомувањето на оркестарот, Коловски е дециден: „Прашањето е зошто никој од надлежните не ги спомнува студијата на МРТ (М1 до М5) кои беа и се уште се едни од најквалитетните на балканските простори и кои се проектирани и направени наменски токму за вакви ансамбли (М2 токму за Биг бенд). Најлогичното решение е тука: студијата на МРТ, кои не се наменети, ниту можат да се пренаменат за ништо друго и чија што вредност се мери со милиони евра. За нив има и технички решенија да се обезбеди автономен пристап доколку е неопходно. Зошто непотребно „се забива клин“ во еден од столбовите на македонската музичка култура? Зошто една репрезентативна сала која што треба да има прецизно дефиниран титулар со прецизно дефинирани надлежности и одговорности во однос на нејзиното функционирање и одржување, која што ја добивме по децении донкихотовски битки, сакаме да ја ставиме во статус ‘сечија и ничија’“, истакнува Коловски.
Поранешната пратеничка, Никица Корубин, која по професија е магистер по археологија и историја на уметност, во својот текст насловен „Филхармонијата не е (само) зграда“ смета дека одлуката за формирање на новата национална установа била донесена без никаква основа.
„Целата јавна дебата „виси во воздух” и се сведува на допадливост или не за еден музички жанр, или блискост или не со членовите на конкретен музички ансамбл. И тоа ја прави прилично субјективна. А, за нејзината субјективност, најголем виновник е самото Министерство за култура, кое не само што не ја образложи одлуката за формирање на нова национална установа, согласно законот по кој постапува, Законот за култура; како што не ги образложи одлуките и на другите четири национални установи; туку ја донесе во ад хок манир на индивидуално решавање на социјален, а не само уметнички статус. Затоа што, во спротивно, ќе треба да ја информира јавноста, согласно кој стратешки документ или каков било план, е формирана оваа и која било друга национална установа“, нагласува Корубин.
Таа посочува дека Собранието нема донесено нова национална стратегија, откога целосно беше игнорирана претходната национална стратегија 2018-2022 година, каде имаше сосема други приоритети и пристап кон целиот сектор култура, ревизија и реформа пред било што друго.
„Врз основа на што тогаш Mинистерството за култура и последователно владата, ја донеле одлуката за формирање на оваа и другите четири национални установи? Имаат ли сите ‘седиште’, законска обврска, кој се јави како главен (појавен) проблем, иако има уште многу други непоставени и неодговорени прашања? Затоа што по оваа логика, без јасна, законски определена и обврзувачка процедура, има и многу други профили на културна дејност, индивидуални судбини, и потребни институции, кои треба да бидат ‘згрижени’, кои со непоткрепени одлуки се де-факто дискриминирани, затоа што секој има свои потреби и желби, и како се мери чии се поважни“, прашува Никица Корубин.