Според новите извештаи, компанијата АРМ почнала да работи на прототип на новиот чип пред околу шест месеци
ARM очигледно создава сопствен чип. Според извештајот на Financial Times, компанијата го задолжила новоформираниот тим за „инженерство на решенија“, предводен од поранешниот извршен директор на Qualcomm и дизајнер на чипови на Snapdragon, Кеворк Кечичијан да креира чип што ќе ја покаже способноста на ARM. Британската компанија подоцна оваа година ќе го има својот долгоочекуван IPO, па сега се чини дека сакаат да привлечат нови клиенти со нов проект.
FT известува дека компанијата почнала да работи на прототипот пред околу шест месеци. Според нивните извори, дизајнот е „понапреден“ од кој било чип досега. Фактот што бројни извори надвор од ARM разговарале со FT за чипот сугерира дека прототипот е нешто како јавна тајна во индустријата.
ARM допрва треба да коментира, но според Financial Times, компанијата не планира да го продава или лиценцира дизајнот на прототипот на други компании. Деловниот модел на компанијата е изграден околу лиценцирање на нејзината архитектура на други фирми, повеќе од 500 компании, вклучувајќи ги Apple, MediaTek и Qualcomm, користат компоненти дизајнирани од ARM.
Постојат делови од пазарот каде ARM би можел да навлезе со нов проект. Кај десктоп компјутерите, да речеме, ARM компонентите се ретки надвор од неодамнешните Mac модели. Како што забележува FT, компанијата минатата недела ги предупреди инвеститорите за ризикот од „значителна концентрација“ за нејзиниот бизнис. Минатата година, првите 20 клиенти сочинуваа 86 отсто од нивниот приход. Значи, диверзификацијата има смисла.
Исто така, проектот може да биде добра работа за потрошувачите. Новоформираниот тим работи и на подобрување на безбедносните перформанси, кои најверојатно ќе стигнат до уредите што ги користиме секој ден.