Кон крајот на март, со одлука на Владата, Биг-бендот на Здружението на џез-музичари и слободни уметници беше „унапреден“ во нов Национален џез-оркестар на Република Северна Македонија, по што беше одлучено оркестарот да биде сместен и да функционира во зградата на Филхармонијата на РСМ. Информацијата дека новата национална установа ќе биде „вдомена“ и институционално ќе работи во нивниот објект ги остави затечени вработените и раководството на Филхармонија, кои сметаат дека владината одлука ќе резултира со „повеќе штета отколку полза“ за двете институции. Тие се убедени и дека „два оркестра не можат да функционираат под еден покрив“, дека „никаде во светот не се сместени заедно филхармониски и џез-оркестар“, дека „зградата е дизајнирана за Филхармонија“, како и дека „одлуката е донесена без никаква консултација со кого било од Филхармонија.
„Крајно сме загрижени дека буквалното ‘втурнување’ на уште еден оркестар чија работа секогаш сме ја поддржувале, сепак, ќе значи загрозување на интегритетот на македонската филхармонија од аспект на секојдневно функционирање на двата субјекти. Концертната сала и целиот објект каде што ние твориме, е замислен, конципиран и изграден исклучиво наменски и според потребите на севкупното функционирање на НУ Македонска филхармонија. Ова се однесува пред се на оркестарот на Македонска филхармонија чии вработени ги извршуваат работните задачи така што одржуваат редовни проби и концерти во двете сали (големата и малата) кои се наоѓаат во објектот “, сметаат вработените во Филхармонија.
Во прилог на тврдењата на филхармоничарите одат и примерите од соседните држави, каде џез оркестрите традиционално се „вдомени“ и музицираат во студијата на државните радија и телевизии, и не постои случај како институција да се „вгнездени“ во филхармониски објект. На пример, единствениот професионален џез ансамбл во Србија е Биг Бенд оркестарот, кој е сместен во студијата на Радио Телевизија Србија, а сличен е примерот во Хрватска, каде Џез оркестарот на ХРТ (некогашен Биг Бенд на Хрватската радио телевизија) функционира во рамките на студијата на националниот ТВ и радио сервис. Ова е случај и во европски и светски рамки, каде речиси и да не постои ваков преседан, национална установа Џез-оркестар институционално да дејствува под покривот на Филхармонија и да ја извршува дејноста паралелно со филхармониската институција.
Поранешната директорка на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ се прашува што е тоа што го има само во зградата на Филхармонија, па џезерите да не можат да работат во друг објект.
„Ќе се воздржам од тоа да нудам решенија каде новата национална установа би делувала, бидејќи се чини дека секоја добронамерна мисла од наша страна е непријателски протолкувана од колегите џезери. Иако, читајќи го интервјуто на Симон Трпчески, еден од најголемите македонски пијанисти и уметник со светско реноме, кој своето ново цд го сними во студиото М1 во МТВ, се прашувам: дали она што е добро за еден уметник од таков ранг кој настапува во најпрестижните концертни сали во светот, и дали истиот тој простор не е доволно добар за македонските џез музичари, барем во овој преоден период за нивно времено сместување. Што е она што е толку атрактивно и неизбежно за нив, а го има само и исклучиво во објектот на Филхармонија?. И во тој контекст имам едно фундаментално прашање: зошто се изнесуваат лаги во јавноста дека вработените во Филхармонија се против тоа понекогаш да се одржуваат проби и концерти на оркестарот за џез музика во објектот на Филхармонија? Тврдам, а и знам дека никој од нас нема ништо против своите колеги, не само од џез оркестарот, туку и од било кој друг ансамбл, понекогаш да им излезе во пресрет и да им го отстапи сопствениот простор“, посочува Чанаќевиќ.
Музикологот Марко Коловски прашува зошто никој од надлежните не ги споменува студијата на МРТ (М1 до М5) кои беа и се уште се едни од најквалитетните на балканските простори и кои се проектирани и направени наменски токму за вакви ансамбли (М2 токму за Биг бенд).
„Најлогично решение за функционирање на џез оркестарот се студијата на МРТ, кои не се наменети, ниту можат да се пренаменат за ништо друго и чија што вредност се мери со милиони евра. За нив има и технички решенија да се обезбеди автономен пристап доколку е неопходно. Зошто непотребно ‘се забива клин‘ во Филхармонија, која е еден од столбовите на македонската музичка култура? Зошто една репрезентативна сала која што треба да има прецизно дефиниран титулар со прецизно дефинирани надлежности и одговорности во однос на нејзиното функционирање и одржување, која што ја добивме по децении донкихотовски битки, сакаме да ја ставиме во статус ‘сечија и ничија’“, потенцира Коловски.
Со сличен став за спорната ситуција се огласи и признатиот македонски диригент и композитор, Вања Николовски Ѓумар. „‘Вдомувањето‘ на уште еден ансамбл во просториите на македонската филхармонија, во иднина може да доведе до вдомување на уште ансамбли кои ќе ја почувствуваат потребата да го искористат ‘големиот‘ простор. Па тоа, и врапчињата го знаат. Не само што ќе се нарушат меѓучовечките односи, кои и така не се баш најсјајни, туку, според мене, ќе падне квалитетот на музичарите, кои наместо да вежбаат, ќе мора да се борат за мирот и условите кои конечно ги добија, но кои сега се драстично нарушени. Не би сакал да навлегувам во детали, последиците ќе бидат повеќе од очигледни. Сметам дека има доволно место и простор во Македонија каде што можат да се сместат останатите музички ансамбли“, вели Николовски.
Уште една поранешна директорка на Филхармонија, Мелпомени Корнети смета дека новата национална установа, иако е музичка, не е компатибила со дејноста на Филхармонија, а постои и хиерархија помеѓу институциите со предзнак национални.
„Како е дојдено до тоа да се формира Џез оркестар како национална установа, а местото да му се одреди во објектот на Филхармонија е прашање за Министерството за култура, кое во случајов, меша две различни категории. Навистина не познавам случај на таква ‘симбиоза‘ меѓу симфониски оркестар и џез оркестар под еден покрив во меѓународни рамки. Џез музичарите и танцовиот оркестар беа дел од основањето и традицијата на Радио телевизија Скопје, а подоцна МРТ, заедно со уште пет ансамбли. Од таму беа ‘збришани‘ поради неупатеност или кусогледост на едно раководство и тогашна влада. Тоа болно искуство, нека барем спречи нови грешки. Џез-музикатависоко ја почитувам, ги ценам музичарите и кога сум била во позиција, максимално сум ги поддржувала. За радување е што повторно се размислува за нивната дејност, но сметам дека решението треба да се најде во друга констелација. Убедена сум дека тоа е можно, ако се разбере суштината и се согледаат алтернативи“, нагласува Корнети.