LG официјално го претстави SuperSlim, својот нов лаптоп од семејството Gram за кој тврди дека е „најтенкиот LG Gram досега“.
Лаптопот е со дебелина од само 0,43 инчи и тежи 0,9 kg, што дефинитивно го става во категоријата ултра преносен. За споредба, MacBook Air е „дебел“ 0,44 инчи и тежи 1,22 кг.
LG првично го најави пристигнувањето на лаптопот за време на годнашниот CES саем, кога беше наречен Ultraslim, но оттогаш не е многу променето освен името. SuperSlim нуди пристојни спецификации, го покренува процесор Intel Evo 13th Gen и има Intel Iris Xe графички чип. Лаптопот се одликува со 15,6-инчен OLED екран кој нема отсјај, покрива 100 проценти од DCI-P3 опсегот на бои и поседува сертификат VESA DisplayHDR True Black.
SuperSlim беше подложен на седум тестови за да се обезбеди издржливост од воена класа, што во секој случај е добра работа, бидејќи претходните модели на Gram имаа проблеми поврзани со флексибилноста и квалитетот на конструкцијата. Другите значајни карактеристики вклучуваат покомпактен адаптер за напојување, Full HD камера со интегрирани микрофони и три USB-C портови, од кои два поддржуваат Thunderbolt 4 поврзување.
Лаптопот е достапен во две конфигурации, едната со 16 GB RAM и 512 GB SSD простор за складирање и чини 1.700 долари, додека моделот со 32 GB RAM и 2 TB SSD меморија чини 2.000 долари. Како бонус, LG со секој купен лаптоп до 13 мај, подарува бесплатен преносен монитор Gram +view.