Snapdragon 8 Gen 2 чипсетот донесе сериозно подобри перформанси, а Snapdragon 8 Gen 3 очигледно има уште посериозни амбиции и високи работни тактови
Еден од попознатите инсајдери откри дека следната генерација, односно новиот Snapdragon 8 Gen 3 ќе донесе нова архитектура на процесорот и значително повисоки работни тактови, кои се опасно блиску до лимитот од 4 GHz.
Snapdragon 8 Gen 3 треба да се појави со Cortex-X4 CPU јадро на досега невидени 3,7 GHz, дури пет јадра за перформанси и две мали ефикасни јадра. Да потсетиме дека Snapdragon 8 Gen 2, чипсетот што ги напојува скоро сите водечки телефони оваа година доаѓа со големо Cortex X3 prime јадро на 3,36 GHz и Adreno 740 графика, многу помоќно од сè што можат да бараат игрите на Android.
Според Digital Chat Station, бројот на моделот е SM8650, а графичкиот процесор ќе се вика Adreno 750. Се очекува TSMC да продолжи со производството на чипови, префрлајќи од N4 на N4P производствен процес, кој сепак е технологија 4 nm, но со мало зголемување на ефикасност. N4P ја намалува сложеноста на процесот и го подобрува циклусот на производство на чипови со намалување на бројот на слоеви, така што N4P е подобар од N4 и поевтин од N3 во однос на трошоците и производствениот капацитет.
Имајќи ги предвид подобрите перформанси кои ги носи новата архитектура и новата технологија, се претпоставува дека перформансите на AnTuTu (ако воопшто може да се земе како валиден тест) на чипсетот Snapdragon 8 Gen 3 би можеле да надминат 1,5 милиони поени. Дополнително, како и претходните години, останува прашањето кој ќе биде првиот производител кој ќе претстави телефон со новиот Snapdragon 8 Gen 3 чипсет.