Според најновите гласини кои доаѓаат од Кина, компанијата Huawei моментно работи на тестирање модели од својата најмоќна серија паметни телефони – Mate. Годинава се очекува серија од неколку телефони под ознаката Mate 60 со различни додатоци на името.
Според фотографиите кои се појавија денеска, прикажано е како би можел да изгледа комплетот задни камери. Изворот наведува дека е прикажан Prо моделот.
Како што можеме да видиме, Huawei постави голем круг кој е пресечен на два еднакви дела. Во секој дел има по две камери, а во горниот дел има и блиц. Низ средината поминува лента, која ќе има иста боја како и остатокот од куќиштето. Долниот дел го покажува името на технологијата XMAGE основана од самиот Huawei. Според инсајдерот, овој тип на дизајн наводно се нарекува „Star Oreo“.

Покрај камерите, за кои сме сигурни дека ќе го видиме самиот врв на она што може да го понуди Huawei оваа година, очекуваме кинескиот производител да го вгради најдоброто во однос на процесорите. Сè уште актуелната Mate 50 серија доаѓа со Snapdragon 8+ Gen 1 чип и е присутна во секоја варијанта. Според изворот, Huawei би можел да воведе некои промени оваа година, па би можел да го стави Snapdragon 8+ Gen 1 во почетната варијанта на Mate 60, додека Snapdragon 8 Gen 2 во посилните модели.
Според денешните гласини, би требало да има вкупно пет различни варијанти, но засега тоа ќе го земеме со резерва и ќе почекаме уште некоја проверена информација.
Huawei се уште не објави кога треба да биде официјалното претставување, но се очекува тоа да се случи во десеттиот месец.
