Археолозите минатиот викенд кај Корчула, под наслаги од морска кал открија пат стар дури седум илјади години
Водачот на истражувањето, Игор Боржиќ од археолошкиот оддел на Универзитетот во Задар, забележал чудни градби во морето на заливот Градина, по што археолошкиот тим утврдил дека на длабочина од 4 до 5 метри има населба идентична со онаа во Солине.
Покрај патот, на локалитетот се пронајдени и неолитски артефакти како камени сечила, камени секири и фрагменти од воденички камења.
Иако се зафатиле со подводни археолошки истражувања поради локалитетот Солине, пронашле пат кој ја поврзувал потонатата праисториска населба на Хварската култура со брегот на островот Корчула.
Од Универзитетот во Задар објаснуваат дека „се работи за сложени камени плочи кои биле дел од пат широк 4 метри кој го поврзувал вештачки создадениот остров со брегот“.
Со радиојаглеродна анализа на зачуваното дрво пронајдено во последната кампања, целата населба е датирана околу 4.900 п.н.е. Луѓето оделе по овој пат пред речиси 7.000 години.