Лихтенштајн најави дека плаќањата во биткоини ќе бидат дозволени за некои државни услуги
Во интервју за деловниот дневен весник Handelsblatt, премиерот на Лихтенштајн, Даниел Риш изјави дека оваа земја планира да дозволи плаќања со криптовалутата биткоин, пренесува Ројтерс. Тоа ќе функционира на тој начин што Лихтенштајн планира да прифати депозити во биткоини и потоа да ги замени за швајцарски франци, нејзината национална валута.
„Доаѓа опцијата за плаќање со биткоин“, рече премиерот Риш, кој беше и министер за финансии на оваа земја. Сепак, тој не даде прецизна временска рамка во која оваа одлука ќе почне да се спроведува.
Риш рече дека нема простор за големи ризици со државните пари, но дека се уште е отворен за инвестирање државни резерви во криптовалути во иднина. Според податоците на Министерството за финансии на Лихтенштајн, државните резерви на оваа земја изнесуваат 2,23 милијарди швајцарски франци и тие првенствено се инвестираат на пазарот на капитал.
Тој додаде дека криптовалутите сè уште се премногу ризични, но дека тоа може да промени „Криптовалутите како биткоинот сè уште се премногу ризични. Но, оваа проценка секако може да се промени“, рече Риш.
Зголемена е вредноста на биткоинот
Светот моментално е на работ на уште една голема светска економска криза – од Нова година до денес пропаднаа неколку светски банки: Силиконската долина, Силвергејт капитал и Signature банката во САД, како и познатата банка Креди Свис во Швајцарија. Ова се настаните кои го потресоа светскиот финансиски пазар, а паралелно со нив растеше и довербата во криптовалутите.
Вредноста на најпознатата криптовалута, биткоин се зголеми за дури 25 отсто за помалку од 15 дена во март и се приближи на чекор од границата од 30.000 долари.
Поддржувачите на биткоинот тврдат дека оваа криптовалута може да се користи и како хеџ против инфлацијата, која значително се зголеми во земјите низ светот од почетокот на војната во Украина. Меѓутоа, кога ќе погледнете подолг временски период – во последните две години биткоин изгуби повеќе од 50 проценти од својата вредност, што не одговара на теоријата за хеџ на инфлација. Меѓутоа, ако неодамнешниот раст на криптовалутата биткоин ја продолжи својата нагорна траекторија, нема да биде изненадувачки ако и друга земја му се придружи на Лихтенштајн во одлуката да ги вклучи криптовалутите во владините плаќања.