По долги години гласини, Google конечно официјално го прикажа Pixel Fold, уредот со кој влегува во борбата на пазарот на флексибилни телефони
На вчерашната I/O конференција на Google, американската компанија претстави голем број нови производи. Освен новиот хардвер и уредите за кои веќе знаевме од претходно, сега дознавме и какви новитети се подготвени во поглед на алатките базирани на вештачка интелигенција. Имајќи предвид дека по една година доминација се појави алатка која може да ја загрози позицијата на Google на пазарот за пребарување, јасно е колку новите опции за пребарување и алатки за вештачка интелигенција се важни за компанијата и нејзината иднина.
Што се однесува до хардверот, конечно ги добивме сите официјални информации за првиот преклопен телефон на Google, за кој се шпекулираше со години. Pixel Fold доаѓа со екран со дијагонала од 5,8 инчи со резолуција од 1080×2092 пиксели, стапка на освежување од 120Hz, Gorilla Glass Victus заштита и максимална осветленост од 1550 нита. Кога ќе се отвори, се претвора во таблет со екран со дијагонала од 7,6 инчи, заштитен со Ultra Thin Glass и максимална осветленост од 1450 нита.
Кај овој тип на уреди, механизмот за преклопување што се користи е од големо значење. Во овој случај, нуди непречено движење до 180 степени и поддржува различни позиции. Уредот има димензии 139,7 x 79,5 x 12,1 мм кога е преклопен и 139,7 x 158,7 x 5,8 мм кога е расклопен. Тежи 283 грама и поседува IPX8 сертификат за отпорност на вода. Pixel Fold го покренува Tensor G2 чипот на Google и доаѓа со 12 GB меморија и 256 или 512 GB простор за складирање.
Батеријата има капацитет од 4821 mAh и нуди до 24 часа издржливост со едно полнење при нормална употреба. Брзото полнење е поддржано со опционален полнач од 30 вати. Моделот има и читач за отпечатоци вграден во копчето за вклучување, а софтверски се користи Android 13.
Од задната страна се наоѓаат три камери – главна со резолуција од 48MP, 10,8 MP ултраширок сензор и 10,8MP камера со петкратен зум. На надворешниот екран се наоѓа 9,5MP камера, додека на внатрешниот екран има сензор од 8MP. Телефонот поддржува две SIM картички (има еден влез за карички, а втората е eSIM картичка)
Pixel Fold од следниот месец ќе биде достапен во порцеланска и обсидијан варијанти на бои на пазарите во САД, Велика Британија, Јапонија и Германија по цена од 1800 долари.