На неодамна одржаната Google I/O 2023 конференција беа најавени многу новини во производите на Google, а една од нив е подобрената верзија на Google Maps која треба да биде лансирана во текот на годината.
Најавената функција Immersive View for Routes ќе им овозможи на корисниците да ја визуелизираат својата планирана рута во 3D режим, проверувајќи ги моментните сообраќајни услови, метеоролошките услови, па дури и квалитетот на воздухот, овозможувајќи им да видат како се менуваат работите и соодветно да ги донесат потребните одлуки за патување.
Ова ќе биде особено корисно ако одите по непозната рута, проверувајќи дали е доволно безбедна или со опција за ажурирање на условите на патот доколку сакате да избегнете сообраќај и на пример врнежи.
Оваа технологија генерира модел на локација и го пресоздава на екранот, што делумно беше прикажано на минатогодишната конференција Google I/O, со тоа што сега дополнително ќе се подобрува, како што најави извршниот директор на компанијата Сундар Пичаи.
Иако оваа надградба беше најавена за летото, дури и кога ќе започне, нема да биде достапна за сите веднаш. За почеток, тоа ќе биде листа од 15 големи светски градови, а потоа треба да се прошири и да вклучи и други. Градовите кои првично се најдоа на оваа листа се: Амстердам, Берлин, Даблин, Фиренца, Лас Вегас, Лондон, Лос Анџелес, Њујорк, Мајами, Париз, Сиетл, Сан Франциско, Сан Хозе, Токио и Венеција.