Најновиот експеримент на YouTube се фокусира на забрана на екстензии за блокирање реклами, а истовремено ја промовира својата платена услуга YouTube Premium.
Еден корисник на Reddit неодамна објави дека додека гледал видеа, бил изненаден од pop-up прозорецот на YouTube кој го информирал дека „блокерите на реклами не се дозволени на таа платформа“. Во прозорецот биле понудени две опции: „Дозволи реклами на YouTube“ и „Пробај го YouTubePremium“.
Прозорецот нудеше и објаснување што би требало да го оправда – дека рекламите овозможуваат платформата да биде бесплатна за милијарди корисници ширум светот. Во исто време, ако не сакате да гледате реклами, можете да се префрлите на платената услуга на YouTube, која и натаму ќе обезбедува приход за креаторите на содржини на платформата.
Излегува дека споменатиот pop-up прозорец е дел од експериментот што компанијата го спроведува. Меѓутоа, бидејќи не многу луѓе се појавија со истиот проблем, изгледа дека експериментот е ограничен на мал број луѓе, пренесува AndroidPolice.
Сопственикот на платформата YouTube, корпорацијата Alphabet, долго време е во конфликт со оние кои сакаат да ги блокираат рекламите – уште во 2016 година, наменски направените апликации за блокирање реклами беа забранети од Google Play Store. Оттогаш, Google се обидува да воведе промени во прелистувачот Chrome, со цел да ги елиминира екстензиите за блокирање реклами, а истовремено да го зголеми бројот на реклами на сите услуги, што дополнително ги нервира корисниците.
Треба да се напомене дека претплатата на услугата YouTube Premium минатата година порасна на дури 80 милиони корисници, а Google оттогаш најави дека ќе инвестира повеќе во своите претплатнички сервиси како овој. Сепак, малкумина очекуваа дека тоа ќе значи и поголеми ограничувања на бесплатните услуги.
Алтернативи за отстранување реклами
Популарната алтернатива на оваа платформа, YouTube Vanced – бесплатна апликација од трета страна која ги содржи сите видеа без реклами, вклучувајќи ги и другите функции вклучени во Premium, како што е работа во позадина или на заклучен екран, се повеќе се бори да преживее. Престана да работи за корисниците ширум светот, додека кај некои се уште се одржува, прашањето е само кога целосно ќе биде изгасена.
Што се однесува до алтернативите за избегнување на претплати на YouTube, не е исклучено некои нови да се креираат со помош на вештачка интелигенција, кои Google веројатно повторно ќе ги блокира додека не се појават нови и така во круг.