Еcommerce4all.eu е бесплатна едукативна платформа за развој на прекуграничната е-трговија во ЦЕФТА
Неодамна беше комплетирана – ecommerce4all.eu – првата регионална платформа за е-трговија која претставува информативен центар е-трговија во ЦЕФТА регионот. Платформата се развиваше од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ, како главен имплементатор на платформата, во соработка со останатите асоцијации за е-трговија во регионот. Целта на оваа веб платформа, која е бесплатна за сите и има информативен и едукативен карактер е да ја зголеми конкурентноста на бизнисите за прекугранична е-трговија во ЦЕФТА пазарите (Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора и Молдавија).
Според информациите во 5-то издание на истражувачкиот труд „ТОП 500 прекугранични е-продавници во Европа“, издадено во март 2023 година, прекуграничната е-трговија во Европа вредела 179,4 милијарди евра во 2022 година, што претставува раст од 4,8% во споредба со претходната година. Европските онлајн продавници оствариле рекордно висок промет од 105,5 милијарди евра со прекугранично продавање, што е зголемување од 5,5% во споредба со 2021 година.
Развивањето на прекуграничната е-трговија во ЦЕФТА регионот е еден од приоритетите на ЕУ и на владите од регионот, а истовремено и голем предизвик за компаниите кои сакаат да го шират својот бизнис на други пазари со е-трговија т.е онлајн продажба. До сега не постоеше едно место на кое компаниите може да се информираат за сите аспекти поврани за е-трговијата во другите пазари и во главно можностите за преку-граничната е-трговија.
Веб платформата, која е прва од ваков вид, претставува уникатен ресурсен и едукативен центар кој на едно место содржи информации за сите клучни аспекти за започнување и водење на бизнис со е-трговија на едно место, структурирани во 5 модули – податоци за е-трговија, регулатива во е-трговија, е-плаќање, достава и успешни приказни од регионот. Секој од овие модули содржи релевантни информации специфични за конкретниот ЦЕФТА пазар, како и упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видео презентации достапни и на англиски јазик и на локалните јазици од секој од овие пазари.
На веб платформата може да се погледне како да се основа бизнис со е-трговија низ неколку едноставни чекори, каков е процесот на една онлајн трансакција и кој учествува во неа, колку се безбедни онлајн трансакциите, кои се правата за заштита на онлајн потрошувачите во секој од овие пазари, кои поштенски оператори се достапни во секој ЦЕФТА пазар, кои се процедурите за увоз и извоз на производи во е-трговија, кои се успешни приказни од е-трговијата за секој ЦЕФТА пазар и можат да се најдат многу други информации и ресурси.
“Е-трговијата, како брзо растечка гранка која е интегрален дел од дигиталната економија нуди остварлива можност за проширување на бизнисите со е-трговија на други пазари и и искористување на потенцијалот на регионот. Сè уште има бројни предизвици што треба да се надминат и иако ЦЕФТА пазарите се сè уште во рана фаза на развој на е-трговијата во споредба со ЕУ, заедничките напори и соработката меѓу земјите би можеле да ја забрзаат регионалната е-трговија. АЕТМ има за цел да ги поддржи интересите на компаниите за е-трговија и на сите засегнати компании и организации, да придонесе кон зголемување на знаењето за е-трговија и да ги намали и елиминира бариерите кои го ограничуваат растот и развојот на индустријата. Регионалната веб платформа ecommerce4all.eu, е насочена токму кон зголемување на знаењето за е-трговија како во нашата земја, така и во останатите пазари од ЦЕФТА, но и кон подобрување на меѓународната соработка која го промовира регионалниот и локалниот економски развој.” – изјави Д-р Нина Ангеловска, Претседателка на АЕТМ.
Развојот на платформата „Ecommerce4All“ е поддржан од проектот за надворешна трговија на Oтворениот регионален фонд имплементиран од Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) во име на Европската унија и Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ). Главна цел е да се подобри меѓународната соработка која го промовира регионалниот и локалниот економски развој и го поддржува автономното спроведување на политиките усогласени со ЕУ, насочени кон постигнување на рамномерен регионален развој на државата.
Повеќе информации за е-трговијата во нашата земја и во регионот дознајте на линкот во продолжение: ecommerce4all.eu.