Софтверот на Huawei би можел да го најде својот пат до автомобилите на VW за кинескиот пазар, бидејќи превирањата во технолошкиот дел на производителот на автомобили се закануваат да влијаат на пазарниот удел
Volkswagen одржа разговори за користење на софтверот на Huawei во своите автомобили во Кина, надевајќи се дека ќе ги зајакне напорите да освои поголем удел на најголемиот светски пазар на електрични возила. Софтверот на Huawei може да биде првиот чекор кон постигнување на таа цел.
Одделот за развој на софтвер на Volkswagen, CARIAD се соочува со проблеми практично од неговото основање во 2020 година. Буџетските проблеми и различните одложувања го закочија лансирањето на нови електрични возила како што се Audi X6 e-tron и Porsche Macan. Во колкав проблем е VW кога станува збор за развојот на нивниот комерцијален софтвер, доказ е фактот што Оливер Блум, извршен директор на VW овој месец ги смени речиси сите извршни директори од таа дивизија, пишува Financial Times.
Групацијата VW, која вклучува брендови како Audi и Porsche, продава повеќе автомобили во целина од кој било друг производител во Кина, но на брзорастечкиот и потенцијално профитабилен пазар на електрични возила, брендот VW е на деветтото место зад ривалите како што се Tesla и BYD со пазарен удел од само 2 отсто.
Во обид да се позиционира подобро на пазарот на електрични возила во земјата, германската групација неодамна постави стратегија „Во Кина, за Кина“ и најави инвестиции вредни речиси четири милијарди евра, меѓу другото и во автономни возила.
Дел од таа стратегија, се разбира, е и надградбата на постоечките платформи со подобри функции за забава и помош при возењето, што кинеските производители го очекуваат од поновите возила.
Партнерство и покрај санкции
Обидите на VW Group да воспостави подлабоки врски со кинеските технолошки групи, како што е Huawei, доаѓаат и покрај напорите на САД и Европа да ја намалат нивната изложеност кон Кина.
Технолошкиот гигант стана симбол на американско-кинеските тензии откако Вашингтон изрази загриженост дека нивната телекомуникациска инфраструктура претставува ризик за националната безбедност. САД му забранија на Huawei да пристапува до технологија за производство на чипови и бараат од американските компании специјални лиценци за да работат со кинеската компанија.