Samsung Galaxy Tab S9 Ultra нема да пристигне со многу промени во дизајнот. Системот на камери ќе биде поизразен, како кај Galaxy S23 серијата смартфони, но останатото би требало да биде исто како и кај минатогодишниот модел
Samsung минатата година ја претстави својата Galaxy Tab S8 серија таблети. Вклучува неколку модели, при што премиум Tab S8 Ultra моделот има екран со дијагонала од нешто повеќе од 14 инчи, што го прави прилично голем.
Сега, благодарение на дојавувачот @OnLeaks и страницата Mysmartprice, се појавија и фотографии од неговиот наследник, моделот Galaxy Tab S9 Ultra. Сликите прикажуваат доста познат изглед, а исто така и масивни димензии.
Таблетот ќе има непроменети димензии од 208,6 x 326,4 x 5,5 мм, а повторно се чини дека се базира на екран од 14,6 инчи со резолуција од 2960 x 1848 пиксели. Моделот најверојатно ќе тежи 737 грама и ќе има батерија со капацитет од 11.200 mAh и со поддршка за брзо полнење до 45 вати.
Интересна е и одлуката на компанијата да продолжи да користи засек на екранот за селфи камерата. Дополнително, може да биде достапен IP68 сертификат, како и Snapdragon 8 Gen 2 за Galaxy чипсет.
Новата серија таблети треба да биде претставена во настан во јули, заедно со новите смартфони на компанијата со екрани на преклопување. Според последните информации следниот настан би требало да се одржи на 26 јули во Сеул