Во рамките на својата конференција Brandcast 2023, YouTube им објави на огласувачите нов формат на реклами достапен на таа платформа: 30 секунди без можност за прескокнување, само за ТВ екраните
Видео сервисот на Google, YouTube има досег од над 2 милијарди корисници, а целиот тој потенцијал сакаат да го искористат уште поактивно со поставување реклами кои не можат да се заобиколат, прескокнат или блокираат. Неодамна, платформата започна со мал експеримент – на одредени посетители на веб-страницата им покажаа порака со предупредување дека употребата на блокатори на реклами „не е дозволена“ на YouTube. Беше можно само да се отфрли пораката, без никакви последици, но овој потег покажува дека можеби во иднина навистина ќе има одредени ограничувања, се со цел што почесто и поефективно да им се прикажуваат реклами на гледачите.
30 секунди без прескокнување
Нов чекор во ист правец беше најавен на конференцијата Brandcast 2023 на YouTube. На огласувачите им беше претставен нов план, кој на вклучените во проектот YouTube Select ќе им понуди поставување на полуминутни реклами на почетокот на видеото. Наместо досегашната можност за поставување на две различни реклами во траење од по 15 секунди, огласувачите ќе можат да пласираат една, во времетраење од 30 секунди, која гледачите нема да можат да ја прескокнат.
Овој „додаток за корисничкото искуство“ YouTube ќе го донесе првенствено на големите екрани, односно гледачите кои го гледаат YouTube на своите телевизори ќе имаат можност да го искусат. Таму, ретко кој има активиран систем за блокирање реклами, па затоа YouTube вели дека рекламите од програмата YouTube Select се фокусираат на тој сегмент, каде собираат над 70% од импресиите.
Реклами и за време на паузата
За да не застане само на продолжување на времетраењето на неизбежните реклами, маркетинг тимот на YouTube осмисли уште еден детал. Кога гледачот на ТВ ќе ја паузира содржината што ја гледа, на екранот ќе се прикаже реклама. Ова „непречено корисничко искуство“, како што го нарекуваат, ќе ја зголеми изложеноста на гледачите на реклами. Оние, пак, на кои им смета премногу „бомбардирање“ од разни реклами и им е премногу иритирачко, секогаш имаат опција да се претплатат на YouTube Premium и да ги избегнат сите реклами на платформата.