Опцијата Nearby Share или „Делење во близина“ овозможува лесно испраќање фајлови помеѓу Android уред и компјутер со Windows, а ова е краток водич како тоа да го направите
Nearby Share е корисна можност за брзо и лесно споделување фајлови помеѓу уредите со Android што е вградена во паметните телефони со Android уште од Android 6 верзијата и може да се користи без потреба од инсталирање дополнителна апликација. Изненадувачки, апликацијата неодамна стана достапна и овозможува истата функција да се користи на компјутерите со Windows.
Првично Google не ја направи достапна на глобално ниво, но сега може да се користи речиси во целиот свет со неколку исклучоци. Сè започнува со преземање на соодветен инсталациски фајл што ќе инсталира се што е потребно за нормално функционирање на Nearby Share на Windows. Самата инсталација не е сложена и треба само да се уверите дека компјутерот има активна интернет конекција.
Меѓутоа, ако некој сака да го користи Nearby Share со компјутер и телефоните со Android, тогаш треба да има на ум дека компјутерот мора да има поддршка за Bluetooth (ако Windows компјутерот не поддржува BLE Extended Advertising, постои можност другите уреди едноставно да не можат да го пронајдат за покренување на размената на фајлови). Дополнително, уредите меѓу кои ќе се разменуваат фајловите мора да бидат поврзани на истата локална (не нужно безжична) мрежа и не треба да бидат подалеку од околу пет метри еден од друг. Ако се исполнети овие услови, тогаш Nearby Share треба да работи без проблеми, но само откако ќе поминете неколку едноставни чекори за конфигурација на компјутерот.
Притоа, ќе се подеси и името на компјутерот (може да биде вистинското име на компјутерот или да се внесе произволно име со кое ќе се идентификува на други уреди), а потоа треба да се одреди на кого ќе му се дозволи размена на фајлови (корисно е да се знае дека фајлвите за време на преносот ќе бидат шифрирани).
Се разбира, најлесно е да се најавите со сметка на Google, бидејќи на тој начин ќе можете да разменувате фајлови со сите уреди на кои сте се најавиле со иста Google сметка, но тоа не е неопходно бидејќи Nearby Share ја поддржува и можност за користење без пријава. Во овој случај, најлесно е да поставите во конфигурацијата фајловите да можат да се споделуваат со секого, притоа имајќи предвид дека нема да бидат достапни сите опции што може да ги понуди Nearby Share. Исто така, препорачливо е да не се покренува апликацијата на Windows со администраторски права, а откако ќе се стартува, апликацијата постојано ќе работи во позадина и ќе може и да се пристапи преку иконата во системската лента.
Леснотија на користење
Испраќањето и примањето фајлови функционира точно како што сте навикнале; на паметниот телефон, фајловите што треба да се споделат се означени, а потоа само се допира опцијата Nearby Share. Компјутерот наскоро треба да биде откриен, а всушност треба само да го допрете неговото име, а на компјутерот треба само да го одобрите приемот на фајлот, и во тој случај ќе се прикаже и PIN-кодот (за да се избегне потенцијално опасен и несакан прием на фајлови, треба да се уверите дека PIN-кодовите на уредот што испраќа еден или повеќе фајлови и оној што ги прима се исти). Откако ќе се одобри прифаќањето на фајлови, преземањето ќе започне, а штом ќе заврши, фајловите ќе се складираат во папката Downloads во Windows (ова може да се промени во поставките).
Се разбира, фајловите може да се испраќаат и обратно, од компјутерот на паметниот телефон. Убав детал е што е можно да се испрати еден или повеќе фајлови или фолдери, а во главниот прозорец при дното треба само да изберете една од понудените опциите, Select files или select folders, или саканите фајлови и фолдери можат само да се повлечат во прозорецот. Би требало веднаш да се прикаже телефон во близина кој е отклучен, но и на кој е подесено опцијата Nearby Share да биде активна и телефонот да не биде скриен, а штом ќе се допре неговото име, преносот на фајлот ќе почне исто како и кога фајловите се разменуваат директно помеѓу паметните телефони.
Иако постојат голем број начини, решенија и апликации кои можат да се користат за размена на фајлови помеѓу компјутери со Windows и телефони со Android, меѓу кои се наоѓа и одличната Phone Link, која е составен дел на Windows 11 и одлично функционира со Android уредите (особено оние направено од Samsung), откако Google го направи Nearby Share достапен на Windows, ова последното едноставно се издвојува како уште едно одлично решение за навистина лесно повеќенасочно споделување фајлови. И покрај фактот дека сè уште е во бета веризја, Nearby Share на Windows работи прилично добро ако се исполнети сите услови.
Поради тоа, оние кои имаат телефон со Android и бараат едноставен начин за испраќање фајлови до и од компјутерот, без да мора да инсталираат ништо дополнително на својот смартфон, Nearby Share се издвојува како едно од логичните (и бесплатни) решенија.