Екипа предводена од вселенската компанија Blue Origin на милијардерот Џеф Безос доби договор со NASA вреден 3,4 милијарди долари за изградба на вселенско летало што ќе ги носи астронаутите на површината на Месечината и назад.
Blue Origin планира да го изгради леталото за слетување на Месечината Blue Moon високо 16 метри во соработка со Lockheed Martin, Boeing, Draper и Astrobotic. NASA го избра Blue Origin наместо понудата од Dynetics, која е во сопственост на компанијата за воена индустрија Leidos.
Одлуката на NASA да ги избере Безос и Blue Origin ќе и даде уште една опција за испраќање астронаути на Месечината како дел од нејзината програма Артемис. Во 2021 година, NASA му додели на SpaceX на милијардерот Илон Маск договор вреден три милијарди долари за изградба на вселенското летало Starship, кое треба да донесе астронаути на површината на Месечината за прв пат по мисијата Аполо во 1972 година.
„Реков и претходно: сакаме поголема конкуренција, сакаме две летала и тоа е подобро“, рече администраторот на NASA, Бил Нелсон на настанот во седиштето на агенцијата. „Тоа значи дека имате сигурност, имате резерви“, додаде тој.
Доделувањето на договорот го следи трендот во последните години во NASA за помагање во финансирањето на развојот на приватни вселенски летала, а потоа се плаќа за нивно користење во мисиите, наместо да се троши повеќе за нивно целосно поседување.
NASA соопшти дека ја избрала понудата на Blue Origin поради нејзината пониска цена, дополнителните можности на вселенските летала и нејзината намера да изврши две тест мисии за слетување на Месечината на сопствен трошок во 2024 и 2025 година. Програмата Артемис предвидува воспоставување долгорочно присуство на човечки екипаж на Месечината.