Конференцијата за програмери Microsoft Build 2023 беше отворена овој вторник со неколку најави за нови технологии, софтверски додатоци и алатки за девелопери тесно поврзани со вештачката интелигенција.
Исто како и неодамнешните конференции за програмери на Google и Microsoft, на отворањето беше објавена главната тема околу која ќе се развиваат сите наредни настани. Секако, оваа тема е вештачката интелигенција, а иновациите на кои работеше компанијата во последните месеци беа презентирани од страна на извршниот директор на компанијата, Сатја Надела, на првиот воведен говор на годинешниот MS Build.
Microsoft ќе продолжи да соработува со организацијата OpenAI за да ги интегрира додатоците со генеративната вештачка интелигенција и алатките за програмери во се поголем број свои услуги и производи. Bing, Windows, Microsoft 365 пакерите, Dynamics 365 и Power Platform – сите тие ќе бидат засилени со вештачка интелигенција на еден или друг начин. Надела ова го опишува како пат кон „машина од соништата“, која може да прима команди на природен јазик и да ги извршува онака како што сака корисникот. Со самото тоа, од корен ќе го промени начинот на развој и користење на софтверот.
Вкупно 50 новитети за програмерите
Во рамките на Keynote презентацијата беа истакнати пет главни новитети околу кои ќе се врти иднината на производите на Microsoft, но вкупно во текот на Build ќе бидат претставени дури 50 од нив.
Bing – пребарувачот ќе биде тесно интегриран во ChatGPT, што значи дека најпопуларниот четбот со вештачка интелигенција во светот ќе може да пребарува на веб, паралелно со досегашните можности. Ќе биде интегрирана и поддршка за плагини, така што еден ист плагин ќе може да работи и во Bing Chat и во ChatGPT. Истите функции ќе пристигнат и кај прелистувачот Edge, кој на тој начин ќе почне да комбинира пребарување на веб-страници со анализа овозможена од вештачката интелигенција, сето тоа со надворешни додатоци кои ќе му дадат бројни можности за интеракција со останатите услуги – од паметен асистент при купување, па до правни совети и слично.
Windows Copilot – новиот паметен асистент ќе биде поставен во страничната лента на Windows 11 и ќе овозможи персонализација и оптимизација на оперативниот систем, опции за пребарување, ќе нуди помош при креирање документи од сите видови и форми, како и други напредни опции, се со едноставни текстуални промптови. Copilot за Windows ќе соработува со сите апликации во рамките на OS и ќе може да извршува задачи, за кои на корисникот вообичаено би му требало многу повеќе време.
Првите корисници треба да го видат овој додаток во својот Windows 11 веќе во јуни, првично во форма на тест preview.
Copilot stack – софтверски пакет што ќе им овозможи на програмерите да изработат свој копилот за која било сопствена апликација и во него да се интегрираат опции од ChatGPT, Bing Chat и други алатки.
Azure AI Studio – нова алатка за програмерите ќе овозможи креирање нови алатки за вештачка интелигенција и нивна обука, сето тоа на безбеден и одговорен начин во познатото Azure опкружување. Програмерите ќе можат да додадат свои податоци и модели на оваа платформа, но и да ги користат постоечките, со цел да им овозможат на своите корисници нови искуства – сето тоа базирано на AI chat, односно текстуална интеракција што се реализира на природен јазик.
Microsoft Fabric – целосно нов производ кој ги обединува можностите за анализа на податоци, складирање на истите, управување со податоци и деловен модел за искористување на тие податоци. Во Microsoft сметаат дека оваа платформа е најважната алатка за работа со податоци од појавата на SQL, бидејќи ќе обедини многу функции на оваа алатка, со неизбежниот асистент за вештачка интелигенција, кој ќе го олесни управувањето, анализата и презентацијата на податоците.
Повеќе за преостанатите 45 новитети, примарно наменети за девелоперите и развојот на апликации со AI, Microsoft ќе открие во следните три дена, колку што трае годинашната конференција Microsoft Build.