Научниците создадоа „вештачки лист“ кој користи сончева светлина за напојување на мотор со внатрешно согорување, идеално решение за автомобили
Вештачкиот лист кој го направија научници од Кембриџ користи сончева светлина за претворање на водата и јаглерод диоксидот во етанол и пропанол, кои би можеле да ги напојуваат автомобилите во иднина, пренесува TheNextWeb.
Овој обновлив извор на енергија би можел да послужи како гориво за автомобилите со тоа што ќе може директно да управува со мотор со внатрешно согорување без никакви дополнителни модификации. На овој начин, потенцијално се добива алтернатива на фосилните горива со ниски емисии на CO2.
Истражувачите велат дека, за разлика од фосилните горива, ова гориво произведува нула емисии на јаглерод и е целосно обновливо.
Како работи вештачкиот лист?
Научниците го направија листот од неколку елементи, во кои спаѓаат бакар, стакло, сребро и графит. Тој содржи компоненти со катализатори кои апсорбираат светлина, слично на тоа како молекулите од вистинските растенија ја апсорбираат сончевата светлина.
Катализаторот што му овозможува на вештачкиот лист да ја врши оваа функција е сличен на хлорофилот од растенијата и е направен од бакар и паладиум. Кога сончевата светлина сјае врз него, јаглерод диоксидот го претвора во етанол и пропанол, а водата во кислород.
Пред неколку години, научниците се обидоа да го искористат процесот на фотосинтеза за производство на одржливи горива, но успеаја да направат само едноставни хемикалии – сингас, односно мешавина од водород и јаглерод моноксид што се користи за производство на гориво, некои фармацевтски производи и ѓубрива.
Ова е првпат во историјата истражувачите да можат да направат сложени хемикалии користејќи само сончева светлина. Претходно имаше успешни обиди за производство на слични хемикалии, но со помош на електрична енергија.