Покрај стандардните подобрувања на перформансите, iOS 17 ќе донесе и некои нови функции, како што е можноста за прикажување одредени информации на екранот на iPhone кога е исклучен.
Аналитичарот на Apple и известувач на Bloomberg, Марк Гурман на почетокот на април објави дека iOS 17 ќе овозможи преземање апликации од неофицијални извори, а сега најави дека корисниците можат да очекуваат уште една голема промена.
„Како дел од низата нови функции кои доаѓаат во ажурирањето на iOS 17, Apple планира нов интерфејс за iPhone во стил на паметен екран кој прикажува информации како што се состаноци во календарот, времето и известувањата“, објаснува Гурман во својот најнов извештај.
Паметниот дисплеј ќе се вклучува кога iPhone е исклучен и ќе прикажува податоци само во widescreen ориентација. За да се заштеди батерија и да се олесни читањето, текстот ќе биде со светла боја, додека позадината ќе биде целосно црна. Идејата на оваа функција е да го направи паметниот телефон покорисен кога е поставен на маса или на ноќното ормарче покрај креветот.
Гурман ја спореди оваа можност со Nest Hub на Google.
Исто така, се наведува дека апликацијата Wallet ќе добие значителни промени во рамките на iOS 17, а услугите за локација исто така ќе бидат подобрени. Иако сè уште ништо не е потврдено, Гурман вели дека корисниците на iPhone може да очекуваат и нова апликација Notes, а напоменува и дека Apple развива нов хоризонтален интерфејс за iPad.
Во секој случај, сите информации ќе бидат познати веќе на 5 јуни, кога Apple на WWDC ќе ги претстави iOS 17, iPadOS 17, macOS 14, watchOS 10 и tvOS 17.