Додека ChatGPT апликацијата за iOS се прошири во над 40 земји, корисниците во Македонија сè уште го чекаат својот ред за да добијат пристап до платформата за вештачка интелигенција на својот iPhone
Апликацијата ChatGPT за iOS сега е достапна во повеќе од 40 држави. Сепак, иако оваа напредна AI четбот платформа стана достапна на смартфоните на корисниците ширум светот, корисниците во Македонија сè уште чекаат пристап.
Апликацијата ChatGPT за iOS сега може да се користи во Албанија, Алжир, Аргентина, Азербејџан, Боливија, Бразил, Канада, Чиле, Хрватска, Костарика, Еквадор, Естонија, Франција, Германија, Гана, Индија, Ирак, Ирска, Израел, Јамајка, Јапонија, Јордан, Казахстан, Кореја, Кувајт, Либан, Литванија, Мавританија, Маурициус, Мексико, Мароко, Намибија, Науру, Нов Зеланд, Никарагва, Нигерија, Оман, Пакистан, Перу, Полска, Катар, Словенија, Тунис, Обединетите Арапски Емирати, Велика Британија и Соединетите Американски Држави, пренесува Android Authority.
Можеби најдобро нешто е што апликацијата ChatGPT за iOS има имтергриран Whisper, систем за препознавање говор на компанијата OpenAI. Ова значи дека апликацијата ќе прифати гласовно внесување. Покрај тоа, апликацијата донесува корисна можност за синхронизирање на разговорите со AI четботот на сите iOS уреди. Значи, ако започнете разговор на вашиот iPhone, вашата историја на разговори ќе биде достапна и на вашиот iPad таблет.
Ако веќе сте претплатник на ChatGPT Plus, можете да очекувате ексклузивен пристап до можностите на јазичниот модел GPT-4, претходен пристап до функциите и побрзо време на одговор.
OpenAI наведува дека лансирањето на апликацијата ChatGPT за iOS ќе биде проширено во повеќе земји во наредните недели. Апликација за Android е исто така во развој, велат од компанијата.
„Корисници на Android, вие сте следни! ChatGPT наскоро ќе биде достапен на вашите уреди“, вети компанијата OpenAI на својот блог.