Компанијата Xiaomi, односно нејзиниот подбренд Redmi досега претстави неколку модели од серијата Redmi Note 12, а наскоро ќе пристигне уште еден.
Се чини дека Redmi нема намера наскоро да ја комплетира поставата на Redmi Note 12 серијата, бидејќи кинеската компанија наскоро ќе го претстави Redmi Note 12T Pro. Redmi официјално објави дека овој телефон ќе пристигне наскоро и откри и некои детали за него.
Уредот неодамна се појави на Geekbench со број на модел 23054RA19C, како и кинескиот 3C. Последното C во името на овој модел означува ‘Кина’, што значи дека смартфонот е наменет за кинескиот пазар. Сепак, се очекува Redmi Note 12T Pro да пристигне и на глобално ниво, но веројатно под друг бренд.
Сертификацијата 3C пред неколку дена откри дека уредот ќе пристигне со поддршка за брзо полнење од 67 W. На Geekbench, телефонот освои 1224 поени во тестот со едно јадро и 3921 поени во тестот со повеќе јадра.
Xiaomi откри дека овој телефон ќе го покренува неодамна претставениот MediaTek Dimensity 8200-Ultra чип. Споменатиот чип е всушност идентичен со основниот чип Dimensity 8200, но со прилагоден ISP. Тој ќе пристигне спарен со до 12 GB RAM, а ќе се испорачува со Android 13.
Понатаму, откриено е дека Redmi Note 12T Pro ќе биде опремен со IPS LCD рамен дисплеј со стапка на освежување од 144 Hz.
Во наредните денови, можеме да очекуваме повеќе детали за Redmi Note 12T Pro, вклучувајќи го и датумот на лансирање на уредот.