Компанијата која вештачката интелигенција ја вградува во речиси сите свои производи и услуги, бара воведување правна рамка за следење на употребата на оваа технологија, за таа да остане безбедна и позитивна за луѓето.
Претседателот на Microsoft, Бред Смит изјави дека вештачката интелигенција има огромен потенцијал и може да се искористи за доброто на човештвото, како и дека американската влада мора брзо да ја регулира оваа област.
Тој смета дека вештачката интелигенција може да се користи во медицината, за откривање на нови лекови, во дијагностиката, при природни катастрофи, пренесува CNN.
Во интервју за американската станица CBS, Смит истакна дека „AI“ не е толку мистериозна како што некои мислат.
„Ако дома имате робот правосмукалка, знајте дека и тој користи вештачка интелигенција кога чисти во вашата кујна, удира во препреки и учи како да ги избегне“, објаснува претседателот на Microsoft.
Според неговото мислење, AI нема да ја промени ситуацијата на пазарот за работа за неколку месеци, туку за неколку години.
„Повеќето луѓе ќе работат на поинаков начин. Ќе мораме да усвоиме и да развиеме нови вештини“, додал Смит.
Тој ја повикал новата владина агенција во САД да ги регулира системите за вештачка интелигенција, додавајќи дека шестмесечна пауза во нејзиниот развој, која ја предложил и шефот на „Tesla „и „Twitter“ Илон Маск, не е одговор.
Ќе ги искористиме тие шест месеци за побрз развој на AI, апелираше Смит.
„Светот оди напред. Ајде да осигураме дека САД барем држат чекор со остатокот од светот“, заклучи претседателот на Microsoft.