Серија нови фотографии од најмоќниот соларен телескоп во светот покажуваат како всушност изгледа Сонцето одблиску.
Соларниот телескоп „Даниел К. Иноје“ го набљудува Сонцето од хавајскиот остров Мауи уште од 2020 година. Таа година опсерваторијата направи фотографии со највисока резолуција досега, прикажувајќи ја неговата површина во невидени детали.
Но, Националната соларна опсерваторија ги објави најновите фотографии направени од телескопот, а тие покажуваат сосема нова страна на Сонцето, прикажувајќи ги и Сончевите дамки.
Сончевите дамки се региони на површината каде што магнетното поле е толку силно што во суштина ја задушува Сончевата атмосфера, правејќи го регионот постуден и потемен од околината. Сончевите дамки постојано се формираат, се развиваат и умираат на сонцето.
– Затоа, никогаш не може повторно да набљудувате иста Сончева дамка. Секоја Сончева дамка е различна, во зависност од возраста и еволутивната фаза во која се наоѓа – вели Александра Тричлер, постар научник од Националната соларна опсерваторија.
Ваквите набљудувања би можеле да бидат корисни за прогнозирање на времето во вселената. Сончевите дамки можат да предизвикаат експлозивни изливи или поплави на магнетни полиња и електрично наелектризирани честички, кои можат да направат магнетен хаос на Земјата.