Новонајавената рачна конзола на Sony, Project Q ќе има кратко траење на батеријата од само четири часа, тврди инсајдерот во индустријата за игри, Том Хендерсон.
Пред само неколку дена, Sony официјално го објави Project Q, односно нова рачна конзола која служи за стриминг на игрите на PS5, а два дена подоцна, инсајдерот Том Хендерсон изјави дека траењето на батеријата на конзолата ќе изнесува само три до четири часа.
Ова е изненадувачки, особено ако се земе предвид дека новата конзола нема да покренува игри на сопствен хардвер, туку наместо тоа ќе ги пренесува преку услугата PlayStation Remote Play и WiFi.
Дополнително, Хендерсон тврди и дека планот за излегување на рачната конзола е конкретно кон крајот на ноември, што дава попрецизна рамка од претходната официјална најава на Sony за излегување на новата конзола на крајот на годината.
Како што објави Sony, конзолата Project Q има екран кој ќе биде прикачен на DualSense контролер кој има функции на жироскоп и адаптивни тригери, односно истите функции како контролерот PS5, со тоа што екранот најверојатно ќе биде осетлив на допир. Токму поради овој факт, прилично изненадува информацијата дека конзолата ќе има кратко траење на батеријата.
Покрај екранот поврзан со DualSense, ќе биде и 8-инчен LCD екран со резолуција од 1080 пиксели и брзина на освежување од само 60 херци, што многумина го сфатија како разочарување.
Сепак, фактот што Sony веќе нуди опции кои овозможуваат играње од оддалечени локации со мобилна интернет конекција, најавата за новата конзола ја остава публиката збунета.
Имено, не е баш јасно што се обидува да постигне Sony со својата нова рачна конзола, која покрај веќе постоечките гејмерски можности со преносната Steam Deck конзола, како и Remote Play услугата, би имала и многу кратко траење на батеријата.