Apple тестираше два нови Mac компјутери со M2 Max и M2 Ultra чипови, непосредно пред годишната WWDC конференција на компанијата
Apple треба да им понуди нов Mac хардвер со сопствени M2 Ultra и M2 Max чипови, а новинарот Марк Гурман вели дека двата претстојни Mac уреди се интерно означени како Mac 14.13 и Mac 14.14.
Оваа информација ги зголемува очекувањата од годинашната WWDC конференција, со оглед на тоа што досега се знаеше само дека ќе биде претставен само MacBook Air со поголем екран од 15 инчи.
Претходно беше најавено дека Apple ќе ги замени процесорите во M2 MacBook Air, M2 MacBook Pro, како и Mac Studio десктоп компјутерот од 5 јуни, што е воедно и датум на почетокот на конференцијата на Apple.
Apple M2 Ultra во центарот на вниманието
Тестирањето на M2 Ultra чипсетот значи дека тој ќе го наследи моделот M1 Ultra и ќе стане најмоќниот чипсет на Apple. Преминот кон M2 Ultra се очекува да понуди повеќе јадра на процесорот и графичкиот процесор од M1 верзијата, при што процесорот најверојатно ќе се добие со спојување на два M2 Max чипсети.
Инаку, M1 Ultra чипсетот вклучува конфигурација од 20 јадра на процесорот, 64 графички јадра и 32-јадрен невронски енџин кој се користи за подобри перформанси на вештачката интелигенција. Со преминувањето во M2 Ultra треба да се зголеми бројот на јадра, што автоматски би значело поспособен и побрз процесор.
Apple претходно објави дека неговиот M2 Max чипсет може да се нарача со најновите MacBook Pro модели, кои имаат 12-јадрен процесор и 38-јадрен графички процесор.
Покрај овие новитети, хардверски се очекува и претставување на новиот VR/AR уред на Apple, кој наводно го носи името Reality Pro. Сите официјални информации ќе бидат објавени на WWDC конференцијата која ќе трае од 5 до 9 јуни.