Xiaomi потврди дека следната недела ќе ја одржи глобална презентација на 13 Ultra, што значи дека тогаш конечно ќе биде позната и цената на флегшип смартфонот во Европа.
Xiaomi 13 Ultra е достапен за купување во Кина од април, а наскоро ќе можат да го набават и корисниците од другите делови на светот. Имено, кинескиот производител потврди дека ќе одржи глобална презентација на својот најмоќен паметен телефон во среда, на 7 јуни, кога ќе бидат откриени долгоочекуваните информации за цената на уредот.
До неодамна се „шушкаше“ дека Xiaomi 13 Ultra во Европа ќе чини 1.499 евра, што е на пример е поскапо од Galaxy S23 Ultra за околу 100 евра во иста конфигурација од 12 GB RAM и 512 GB простор за складирање. Сепак, според информациите кои протекоа на некои европски онлајн продавници, цената сепак ќе изнесува меѓу 1.200 и 1.300 евра, што е исто скапо, но сепак поконкурентно.
Во секој случај, веќе се ќе биде познато следната недела на настанот на Xiaomi, кој директно ќе се пренесува на социјалните мрежи на кинескиот производител.
Да потсетиме дека Xiaomi 13 Ultra има Qualcomm Snapdragon 8 Gen 2 чип, 6,73-инчен AMOLED екран со резолуција од 3.200 x 1.440 и адаптивна стапка на освежување до 120 Hz. Поседува и батерија од 5.000 mAh со поддршка за жично полнење од 90 вати и безжично полнење од 50 вати, како и систем за камера со четири сензори сместен под Vario-Summicron леќите од Leica.