Вештачката интелигенција за Gmail конечно пристигна на паметните телефони и овозможува подобро и попаметно пребарување, со порелевантни резултати
Пристигнува вештачката интелигенција за Gmail платформата, која би требало да донесе подобро пребарување на мејловите. Новата функција ќе ги комбинира бараниот термин, најновите мејлови и другите фактори во пребарувањето на е-пошта за порелевантно или подобрено пребарување на мејловите на телефоните, објави Google на блог пост.
Резултатите од пребарувањето сега ќе се појавуваат на врвот на листата во посебен оддел наредени по релевантност, додека сите други резултати со бараниот термин ќе бидат како и досега хронолошки наредени од најновиот до најстариот мејл под новиот оддел.
Тоа практично значи дека вештачката интелигенција ќе може да ги прочита мејловите на корисникот и во резултатите на врвот да го понуди она што го „смета“ за најрелевантно совпаѓање за пребарувањето.
Вештачката интелигенција за Gmail само на телефоните
Новата Gmail функција со вештачка интелигенција доаѓа на телефоните со Android и iOS и веќе треба да биде достапна за сите, а во објавата не беше наведено дали функцијата ќе се појави и на десктоп верзијата на платформата Gmail, иако нема причина зошто тоа да не се случи.
Вештачката интелигенција со години е вградена во апликацијата Gmail, која ја вклучува и функцијата Smart Reply, која составува кратки автоматски одговори на мејловите наместо корисникот.
Сепак, во последните месеци компанијата Google, следејќи го чекорот на конкуренцијата, форсира понапредни функции на генеративна вештачка интелигенција во своите производи, а новата функција не е изненадувачка.
Иако новата Gmail опција е претставена како корисна, не можеме а да не се запрашаме по кои критериуми вештачката интелигенција ќе ги сортира „најрелевантните“ резултати, дали тие ќе бидат сигурни и дали навистина ќе им служи на сите корисници на добар начин.
Одговорите на тие прашања ќе стиогнат кога функцијата ќе се вкорени меѓу корисниците, а засега се чини дека Google форсира нови AI функции за да биде во чекор со конкуренцијата.
Освен што „турка“ нови алатки за вештачка интелигенција во своите услуги, Google истовремено го развива и подобрува својот четбот базиран на вештачка интелигенција, Google Bard. Неговиот чет-бот е конкурент на популарниот ChatGPT, кој најпрвин го лансираше стартап компанијата OpenAI, која создаде глобална трка меѓу компаниите, кои подобро ќе ги развиваат своите AI производи и четботови.