За прв пат по речиси една деценија, Apple навлезе во нова категорија на производи – овој пат со уредот за проширена реалност Apple Vision Pro, кој раоти на новиот оперативен систем VisionOS
Годишната конференција за програмери на Apple, WWDC започна денеска со традиционалниот воведен Keynote, за кој со месеци се шпекулираше дека ќе биде еден од најважните во последниве години. Иако првенствено се работи за софтверска конференција, доста често на WWDC можеше да се види и лансирање на одредени производи, а тоа беше случај и овој пат – најзначен дел беше презентацијата на Apple Vision Pro уредот за и проширена реалност и виртуелна реалност.
Легендарната фраза на Стив Џобс не се користи лесно од Apple, туку само за најголемите, епохални најави. Оваа година „one more thing“ e револуционерниот и футуристички AR/VR хедсет – Apple Vision Pro. Станува збор за уред за проширена реалност со проѕирен екран, кој може да го комбинира реалниот свет со виртуелниот, со управување со гестовите на рацете и прикази на виртуелните објекти. Ова е првиот уред на Apple низ може да се гледа, и прв што има 3D кориснички интерфејс.
Целото видно поле на корисникот на тој начин станува место за прикажување апликации, додека може да ги постави каде било во просторот, каде што му одговара. Се работи за прв уред што не треба да се допира за да се контролира, ниту да се користи било каков контролер. Апликациите може да се лансираат со движења на очите и рацете на сосема нови начини, кои Apple ги опишува како „магија“. Покрај тоа, може да се контролира со гласовни команди со помош на Siri.
Иновацијата наречена EyeSight му овозможува на корисникот да гледа низ екранот на уредот, но и другите да го гледаат кога е потребно, односно може да се воспостави директен контакт со очите. Спојот на виртуелниот и реалниот свет, ако може да му се верува на Apple, би треабало да функционира и за деловни и за забавни цели и целосно да го промени начинот на кој ги доживуваме апликациите и аудио-визуелните содржини.
Преку двата дисплеја можете да гледате филмови, да играте игри, да фотографите, да снимате видео, да читате, да пребарувате веб-содржини, односно да правите што било во дигиталниот свет, но со виртуелниот 3D свет во кој се наоѓаат апликациите. За помош, со него може да се користи Mac компјутер, безжична тастатура, тракпад и други додатоци, додека екранот на блискиот Mac може да се пресликува во 4K резолуција на уредот и неговиот екран. Vision Pro доаѓа и со 3D камера, која може да снима тридимензионални видеа, кои потоа може да се гледаат или испраќаат до други кориснции на истиот уред. Според Apple, можностите за примена се неограничени и ова е само почеток на новата ера на „просторни компјутери“ во која компанијата конечно влезе денеска, по години и години развој – и тоа на голема врата.
Што се однесува до техничките карактеристики, треба да се нагласи дека Apple Vision Pro е поврзан со екстерна батерија со кабел, која може да се носи во џебот и кој овозможува автономија до два часа. Предниот дел е изработен од стакло, рамката е алуминиумска со копчиња и дигитална круна како Apple Watch, а во внатрешноста на куќиштето има цел компјутер со екрани, сензори и систем за ладење. Делот што ќе се потпира на лицето ќе доаѓа во неколку форми, за прилагодување на различни лица и поддржува додатоци кои може да ги заменат дури и очилата за вид кога е потребно.
Екранот е microOLED, со големина на пиксели од само 7,5 микрони и вкупно 23 милиони пиксели – значи повеќе од 4K резолуција, за секое око. На просторот од еден пиксел на екранот на iPhone се сместени дури 64 пиксели од овој екран. Репродукцијата на звукот се должи на новиот систем на „audio ray tracing“, напреден систем кој ги следи движењата на главата и очите, така што целото искуство е мазно, флуидно и прилагодено на околината во секое време.
Уредот е базиран на M2 чипот на Apple, заедно со новиот R1 чип, специјализиран за обработка на сензорни сигнали од 12 камери, 5 сензори и 6 микрофони во реално време – со задоцнување од само 12 милисекунди. За комуникација преку видео конференција не се користи камера, туку виртуелен аватар, создаден врз основа на 3D скенирање и мапирање на лицето на корисникот.
Нов оперативен систем – visionOS
Со новиот уред управува новиот оперативен систем – visionOS, што ќе биде почеток на сосема нова ера и целосно нова платформа и за програмерите и за корисниците, велат од Apple. На презентацијата веќе беа прикажани одредени апликации за дизајн, забава (на пример, виртуелен Дизниленд или планетариум), работа во канцелариските апликации на Microsoft, видео конференции и други апликации. Новиот OS ќе има и сопствена продавница за апликации и бројни API за програмери и апликации од трети страни, како и поддршка за Unity. Овој уред носи и целосно нов систем за автентикација на корисниците, OpticID кој ги скенира очите и на тој начин се отклучува.
Apple има регистрирано преку 5.000 патенти за Vision Pro и го нарекува најнапредниот персонален компјутерски уред во историјата, целосно во сопствена класа – комбинирајќи ги функциите на компјутер, мобилен телефон, телевизија, слушалки и камера. Таква му е и цената – 3.499 долари. Apple Vision Pro ќе се појави во продажба дури на почетокот на следната година, беше најавено на крајот од денешниот Keynote.