Двете големи технолошки сили, Мета и Apple наскоро и официјално ќе влезат во жестока пазарна битка за доминација во светот на очилата за виртуелна и проширена реалност.
Мета и Apple со години имаат прилично јавно ривалство. Иако овие две компании никогаш директно не конкурирале на пазарот, основачот на компанијата Facebook, денес Meta, Марк Цукерберг и извршниот директор на Apple, Тим Кук секогаш се „судираа“ кога зборуваа за приватноста на интернет и дигитално рекламирање. Значи, тие никогаш не биле конкуренција во вистинска смисла на зборот, но тоа сега се менува.
Apple пред неколку дена го претстави својот долгочекуван просторен компјутер Vision Pro, со што Тим Кук всушност ја воведе компанијата на истиот пазар, каде досега доминираше Meta. Цукерберг и Кук, сепак, се согласуваат за една работа – иднината на технологијата е виртуелната и проширената реалност. Кук го опишува ова како „просторен компјутер“, а Цукерберг како метаверс. Другите технолошки лидери ова генерално го нарекуваат мешана или проширена реалност, бидејќи дигиталниот свет може да се комбинира со реалниот свет околу нас.
Meta на овој пазар влезе пред девет години, кога за две милијарди долари ја купи стартап компанијата Oculus, која развива VR очила. Кон крајот на 2021 година, Цукерберг го промени името на компанијата од Facebook во Meta и рече дека ќе инвестира милијарди долари секој квартал за развој на основните технологии за VR и AR потребни за да се оствари неговата визија за иднината.
Apple може да ја внесе неопходната динамика на VR пазарот
Meta е доминантен играч на VR пазарот, околу тоа во моментов нема сомнеж. Кога станува збор за продажба на VR очила, Meta е далеку пред своите ривали како Sony, HTC или Magic Leap. Сепак, треба да се напомене дека VR пазарот долго време стагнира, нагласува CNBC.
Експертите веруваат дека влегувањето на Apple би можело да биде токму она што е потребно за да се покрене VR пазарот и да тргне напред.
Сепак, Apple сè уште не прецизираше кога нивниот Vision Pro ќе биде достапен, најавувајќи само дека тоа ќе се случи на почетокот на следната година. Vision Pro очигледно не е дизајниран за сечиј буџет, барем не оваа верзија со почетна цена од 3.499 долари. Тоа всушност му дава простор на Цукерберг да здивне.
Мета го нуди Quest 2 за 300 долари и новиот Quest 3 за 500 долари, што е дури и поевтино од PlayStation VR 2 системот. Сепак, Reality Labs, дивизијата на компанијата Meta, задолжена за развој на VR хардвер и софтвер, веќе некое време бележи огромни губитоци.
Клучна цел за Цукерберг е мешаната реалност да ја претвори во бизнис реалност. Секако, постои и еден битен факт – за разлика од Apple и Google, Meta нема свој оперативен систем. Apple и Google доминираат на пазарот на паметни теелфони и преку своите продавници на апликации заработуваат милијарди долари, а притоа се во ситуација да можат да ги поставуваат правилата на играта, на кои третите страни (вклучувајќи го и Facebook) и натаму мораат да се придржуваат.
Meta и Apple: Борба за програмерите
Meta и Apple сега ќе мораат да се борат за програмерите кој всушност ќе го развиваат софтверот за нивниот хардвер. Тоа е новиот фронт. Доколку сакаат да допрат до најшироката можна публика за своите AR/VR уреди, најпрвин ќе треба да најдат програмери кои ќе развиваат игри и апликации за нив.
Во пресрет на есента 2023 година, светот е на праг на ново ривалство меѓу двата технолошки гиганти, а бојното поле е виртуелната реалност. Кој подобро ќе се снајде? Историјата вели дека би било глупаво дури и да се обидеме да дадеме едноставен одговор на ова прашање, освен што останува да видиме.