Сензорот за отпечатоци на паметните телефони со Android е една од најпопуларните функции, но поради новата бета верзија на Android 14 сега има проблеми
Google неодамна започна јавно бета тестирање на претстојниот оперативен систем Android 14. Иако очекуваме многу новости и функции, се чини дека некои Pixel телефони имаат проблем со новата Android 14 бета верзија на оперативниот систем, бидејќи сензорот за отпечатоци едноставно престана да работи.
Со новата Android 14 бета верзија, системот повеќе не го препознава сензорот за отпечатоци, како да не постои. Сите опции и поставки поврзани со сензорот ги нема, оставајќи им на корисниците само PIN, шема или лозинка како опција за отклучување на телефонот.
Се чини дека проблемот е ограничен на телефоните Pixel 6, Pixel 6 Pro и Pixel 6a, според сегашните извештаи, објави 9to5Google. Не постои очигледно решение за овој проблем, иако се шпекулира дека фабричкото ресетирање или враќање на претходната верзија на Android би можело да ја реши оваа бизарна ситуација.
Сите сме возбудени што ќе го испробаме новиот оперативен систем што ни го подготви Google, но секогаш е добра идеја да не инсталирате бета верзии на софтвер на вашите примарни уреди, бидејќи тие сигурно ќе имаат проблеми. Па, тоа е и поентата на бета верзијата, да пријавите проблеми и да ги решите пред официјалното лансирање.

