Стриминг платформите изгледа ќе направат се што можат за да преживеат во конкурентна средина, а сега Amazon Prime Video се подготвува да понуди поевтина претплата со реклами
Netflix веќе некое време се обидува да се справи со намалениот број претплатници, без разлика дали тоа е бркање на сите со кои ги споделувате вашите лозинки или воведување нов, попристапен пакет кој ќе вклучува реклами. Се чини дека Amazon Prime Video наскоро ќе го следи примерот со воведување на поприфатлива претплата поддржана од реклами.
Според Wall Street Journal, запознаени со предложениот план велат дека разговорите на оваа тема се водат веќе неколку недели, иако се уште се во рана фаза. Секако, според WSJ, огласувачите се многу заинтересирани Amazon да лансира услуга поддржана од реклами за Prime Video.
Потегот на Amazon ќе ги следи стапките на конкурентите како Netflix , кој неодамна додаде план поддржан од реклами од 7 долари месечно и Disney+, кој ја лансираше својата верзија од 8 долари месечно во декември. Hulu и Peacock исто така нудат претплати како оваа.
Prime Video веќе генерира одреден приход преку рекламирање на својата спортска програма, како и пласирање производи во некои од неговите содржини. Но, воведувањето план поддржан од реклами сигурно ќе донесе повеќе приходи и потенцијално ќе биде примамлив предлог за оние кои бараат поевтина претплата и не им пречат рекламите.
Сепак, овие планови често доаѓаат со ограничувања. На пример, Netflix го ограничува квалитетот на репродукција на содржина на 720p и дозволува репродукција само на еден уред. Исто така, не можете да преземате серии и филмови за да ги гледате офлајн. Не знаеме како Amazon ќе се справи со ова, но не се сомневаме дека нема да ни се допадне.