Истрагата за мистериозните структури што висат во вселената околу срцето на Млечниот Пат откри дека тие се остатоци од истекување од супермасивната црна дупка Стрелец А* во интеракција со околниот гас пред неколку милиони години, вели астрофизичарот Фархад Јусеф-Задех од Универзитетот „Нортвестерн“.
Иако Стрелец А* сега е прилично тивка, овие остатоци посочуваат дека центарот на нашата галаксија неодамна бил активен, односно во космички временски размери. Нивното откритие значи дека центарот на нашата галаксија има многу пофасцинантни тајни.
– Беше изненадување одеднаш да се најде нова популација на структури кои се чини дека се насочени кон црната дупка. Се вџашив кога ги видов. Откривме дека тие не се случајни, туку се поврзани со одливот на нашата црна дупка. Со нивно проучување би можеле да дознаеме повеќе за црната дупка – вели Јусеф-Задех.
Новата популација била откриена во податоците собрани од радиотелескопот „МерКАТ“ во Јужна Африка. Јусуф-Задех и неговиот тим ги чистеле податоците, отстранувајќи ја заднината за да ги направат вертикалните филаменти повидливи, кога се појавило нешто друго: новата популација на галактички „жици на харфа“.
Новите структури се повеќе како цртички отколку линии: стотици кратки структури со должина од околу 5 до 10 светлосни години, поставени хоризонтално по должината на галактичката рамнина, наместо вертикално како другите филаменти.
– Со оглед на тоа што се чини дека се појавуваат нови структури додека ја градиме и усовршуваме технологијата за да ги откриеме, далеку сме од тоа да ја знаеме целосната историја и динамика на центарот на нашиот Млечен Пат – вели Јусеф-Задех.