Apple минатата година ја најави следната генeрација на CarPlay стандардот за поврзување на iPhone и автомобилските инфозабавни системи со подобра интеграција на функциите во возилото, како што се контрола на климата, поддршка за дисплеј на повеќе екрани, контрола на FM радио и многу повеќе.
Apple соопшти дека првите модели на автомобили со поддршка за новата генерација наCarPlay системот ќе пристигнат на пазарот кон крајот на 2023 година како модели на најпопуларните брендови како што се: Acura, Audi, Ford, Honda, Jaguar, Land Rover, Mercedes-Benz, Nissan, Porrsche, Volvo и други. Во тој поглед можеме да очекуваме пет нови најважни функции во новата верзија на системот CarPlay:
Интеграција на кластери со инструментите на автомобилот
Новиот CarPlay ќе има интеграција со инструментите на автомобилот и ќе може да прикажува: брзиномер, број на вртежи на моторот, мерач на гориво, притисок на маслото, температура на моторот и друго. Apple тврди дека возачите ќе можат да го изберат дизајнот и распоредот на контролната табла, вклучувајќи ги и специфичните опции на Apple.
Контрола на клима уредот
Ќе имате можност директно да пристапите до контролата на клима уредот, која ви овозможува да ја прилагодите температурата во возилото, брзината на вентилацијата, греењето на седиштето и воланот, како и други дополнителни опции кои автомобилот ги има во пакетот на дополнителна опрема.
Поддршка за работа со повеќе екрани
Новата верзија на CarPlay системот ќе може да користи повеќе екрани во возилото одеднаш, обезбедувајќи импресивно корисничко искуство на вградениот infotainment систем за информации и забава во возилото, како и на сите дополнително поврзани екрани на контролната табла на возилото. Apple тврди дека CarPlay ќе се прилагодува на секој нов модел автомобил за оптимално да се приспособи на обликот и приказот на вградените екрани, пренесува Macrumors.
Виџети
Виџетите ќе бидат клучен дел од новото CarPlay искуство за време на употребата и ќе ги обезбедуваат сите основни информации потребни додека возите со само еден поглед на контролната табла и екраните во возилото. Ова се податоците и илустрациите кои најмногу го засегаат возачот и неговата удобност при возење, како што се: времетраење на патувањето, потрошувачка на гориво, поминато растојание, календар со важни настани, телефонски повици, статус на гаражни врати и многу повеќе. Исто така, ќе можете да се движите низ мноштвото прикажани „виџети“ на инструмент таблата.
FM радио апликација
Новиот CarPlay ќе има сосема нова апликација за радио FM прием која ви овозможува лесно и едноставно да ги контролирате FM радио станиците.
CarPlay на iOS 17 оперативниот систем
Во меѓувреме, CarPlay ќе добие уште еден куп корисни опции и функции кога се користи заедно со iPhone што работи на iOS 17, вклучително и SharePlay поддршка за апликацијата Music за патниците во автомобилот, како и приказ во реално време на достапните станици за полнење на електрични возила.
iOS 17 моментно е во бета верзија достапна за програмерите со Apple сметка и ќе биде објавен подоцна оваа година за iPhone XS и поновите уреди.