По повод Меѓународниот ден за борба против говорот на омраза, УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија започнаа нова кампања на социјалните медиуми против сајбер-булингот и онлајн говорот на омраза, којашто беше создадена заедно со деца и млади лица.
Под слоганот „За булингот крај, бај-бај“, кампањата вклучува над дваесет видеа за социјалните медиуми. Некои вклучуваат пораки како „Зборовите имаат тежина, затоа бирајте ги внимателно“ за да го насочат вниманието кон штетните влијанија на сајбер-булингот. Други вклучуваат пораки коишто ги повикуваат самите млади луѓе да не бидат пасивни набљудувачи и да понудат поддршка доколку се сведоци на сајбер-булинг.
„Насекаде во светот, сајбер-булингот е секојдневна реалност за децата и младите. Повторливото навредливо однесување коешто има за цел да ги исплаши, налути или засрами оние кон коишто е насочено, влијае на нивната севкупна емоционална благосостојба и менталното здравје“, истакна Патриција Ди Џовани, претставничката на УНИЦЕФ. „Горда сум што гледам дека самите млади луѓе се собраа за да го кренат својот глас и да ја искористат својата креативност за да промовираат почит и љубезност кон своите врсници и да ги одбранат жртвите.“
„Нашата цел е да им дадаме глас на младите да се борат против говорот на омраза на интернет. Да им дадеме алатки и знаење, да ги поттикнеме да бидат гласни и храбри. Но крајниот продукт, кампањата во која тие се креатори, режисери, актери е целосно нивен. Нивната страст и посветеност јасно се гледа во креативните решенија. Горди сме на нивното постигнување и веруваме дека ќе влијаеме позитивно на многу други млади луѓе“, истакна Леа Липша, директор на Фондацијата Телеком за Македонија.
Кампањата беше подготвена заедно со триесетина деца и млади коишто неуморно работеа на работилниците за заедничко создавање кампања на УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија.
Заеднички создадената кампања беше подготвена како дел од долгорочното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, чија цел е да ги вклучи децата и младите лица во справувањето со некои од најголемите предизвици со коишто се соочува нивната генерација.