Во изминатите два-три месеци можевме да дознаеме некои детали за претстојната Xiaomi 14 серија, која треба да пристигне на крајот на оваа година. Најмногу информации дознавме за Xiaomi 14 Pro, а сега е откриено како би можел да изгледа задниот дел од овој смартфон. Кон крајот на минатиот месец се појави рендер од телефонот, а тогаш беше откриен неговиот преден дел.
На фотографијата се забележува дека уредот ќе го задржи истиот дизајнерски јазик присутен и кај неговиот претходник – Xiaomi 13 Pro.
Задната страна на телефонот има заоблен квадратен модул, во кој се сместени три сензори за камера, вклучително и телефото објектив лоциран на дното. Најверојатно станува збор за телефото сензор од 50 MP, истиот што се наоѓа кај телефонот Xiaomi 13 Ultra. Овој сензор нуди импресивни способности, вклучувајќи покриеност од 122 степени. Во самиот модул стои и натписот Leica, што значи дека камерите на овој модел ќе ги оптимизира и познатата компанија Leica.
Претходно беше откриено дека на горниот дел од екранот на Xiaomi 14 Pro ќе има отвор за предната камера, додека под екранот ќе има скенер за отпечатоци. На десната страна има копче за вклучување и исклучување на уредот и копче за контрола на јачината на звукот.
Според информациите кои се појавија на почетокот на овој месец, Xiaomi 14 серијата треба официјално да биде претставена во ноември или октомври оваа година во Кина. Кога станува збор за глобалното претставување, се очекува тоа да се одржи на почетокот на следната година. Xiaomi 14 Ultra најверојатно нема да биде лансиран заедно со овие два модели.