Американската вселенска агенција NASA објави фотографија на која може да се види молња снимена на површината на планетата Јупитер.
За да ја одбележи величественоста на овој гасен џин, NASA објави фотографија од декември 2020 година направена од вселенското летало Juno кое орбитира околу планетата.
Како што е забележано, сондата забележала сјај од молња во вител во близина на северниот пол на Јупитер.
„Ова е снимено на 32.000 километри над облаците на Јупитер. На Земјата, молњите потекнуваат од водни облаци и најчесто се јавуваат во близина на екваторот. Од друга страна, на Јупитер молњите всушност се формираат во облаците што содржат амонијакална вода и најчесто се гледаат околу половите“, објасни NASA.
Инаку, вселенската сонда Juno на NASA беше лансирана во 2011 година како дел од програмата New Frontiers. Во 2016 година сондата влезе во поларната орбита на Јупитер за да започне со научно истражување на планетата, а се планира на крајот на мисијата сондата да биде уништена во атмосферата на Јупитер.