Иако Nothing Phone (1) доаѓаше со обичен бел кабел, тоа нема да биде случај со претстојниот модел Phone (2)
Главна карактеристика на мобилните телефони на Nothing е проѕирната задна страна украсена со LED диоди. Компанијата вешто го користеше овој проѕирен дизајн и на своите други производи, а сега уште повеќе ќе го прошири во своето портфолио.
Имено, извршниот директор на Nothing, Карл Пеи објави на Twitter дека претстојниот Phone (2) ќе пристигне со проѕирен USB-C кабел за полнење.
Кабелот, сепак, не е целосно транспарентен. Проѕирна е само пластиката околу двата USB-C порта, кои го имаат логото на Nothing, како и шест необични кругови, за кои се шпекулира дека светат во различни бои во текот на полнењето.
За потсетување, Nothing Phone (2) треба да биде претставен на 11 јули. Иако сè уште се непознати сите спецификации, потврдено е дека телефонот ќе го покренува Snapdragon 8+ Gen 1 чипсет на Qualcomm и ќе има 6,67-инчен AMOLED дисплеј, батерија од 4.700 mAh и софтверска поддршка од три големи ажурирања на оперативниот систем и четири години безбедносни закрпи.