Досега непознат древен град на Маите е откриен во џунглите на јужно Мексико, изјави Државниот институт за антропологија и историја (ИНАХ), додавајќи дека веројатно бил важен центар пред повеќе од илјада години. Градот се состои од големи пирамидални објекти, камени столбови, три плоштади со импозантни згради и други структури наредени во речиси концентрични кругови.
Од институтот кажаа дека градот, што го именуваа Окомтун, што значи камен столб на локалниот мајански јазик, веројатно бил важен центар во регионот од 250 до 800 година.
Мајанската цивилизација се протегала во југоисточно Мексико и во делови од Централна Америка. Нејзиниот распад почнал векови пред пристигнувањето на шпанските освојувачи, чии воени походи ја уништија последната мајанска населба во доцниот 17. век.
„Падот на самиот град веројатно почнал меѓу 800 и 1000 година, најверојатно како последица на промени во населението и идеологијата, кои придонесле и за пропаѓањето на целата мајанска цивилизација“, изјави словенечкиот археолог Иван Шпрајц, кој го водеше истражувањето.