Google го таргетира пазарот на компјутери од високата класа, а нивните модели треба да се продаваат под брендот Chromebook X.
На пазарот на компјутери денес доминираат компјутери со Windows, а популарни се и Mac компјутерите. Оние кои бараат алтернатива немаат многу избор, а една од тие алтернативи се компјутерите со оперативниот систем на Google, Chrome OS. Првите модели на Chromebook беа поевтини модели главно наменети за образовниот сектор, а минатата година беа претставени компјутери и за гејмерите. Во исто време, не зборуваме за модели со врвен хардвер, туку за лаптопои кои можат да стримуваат игри од услугите како што се Xbox Cloud Gaming и GeForce Now на Nvidia.
Американската компанија сега планира да изврши напад на највисокиот сегмент на компјутерскиот пазар и според информациите објавени на страницата 9to5Google, Google наскоро би можел да воведe нов бренд за премиум компјутери – Chromebook X. Воедно, на сајтот се нагласува дека постои можност пред конечното објавување името да биде променето.
Компјутерите со оперативниот систем на Google кои ќе бидат достапни под брендот Chromebook X ќе треба да исполнуваат и одредени услови, односно да имаат одредени спецификации. Така, се споменува дека ќе треба да ги поседуваат Zen 3 чиповите на AMD, како и процесорите од најновата генерација на Intel и поновите чипови кога ќе бидат претставени. Се споменува и одредена количина на меморија и интересно – добра веб камера, што укажува дека тимот од Google сака нивните компјутери да бидат наменети и за вработените во компаниите кои овозможуваат работа на далечина.
Премиум компјутерите на Google би требало да имаат и некои ексклузивни софтверски опции кои не се достапни кај класичните Chromebook уреди, како што се прикажување преводи во реално време, замаглување на позадината за време на видео повици итн.
Што можеме да очекуваме од компјутерите од Chromebook X серијата, можеби ќе дознаеме наскоро, бидејќи првите компјутери на пазарот би требало да бидат пуштени во продажба кон крајот на оваа година. Тоа најверојатно ќе бидат компјутерите на партнерите на Google, а не е познато дали и Google размислува за овој тип на премиум Chromebook уреди.